Пендаровски: Португалското претседателство очекува до 22 јуни, Бугарија да ја одобри преговарачката рамка

 

Шефот на државата, Стево Пендаровски, во вечерашното интервју на „360 степени“ зборуваше за португалскиот предлог за деблокада на евроинтеграциите. Тој вели дека португалското претседателство очекува до 22 јуни, кога треба да се одржи и Советот за општи работи на ЕУ, Бугарија да ја одобри преговарачката рамка за С Македонија.

Министерот за надворешни работи на Португалија, Аугусто Сантос Силва и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, денеска наутро прво ја посетија Софија, а потоа допатуваа во Скопје за да разговараат за можното деблокирање на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија. Пендаровски вели дека Силва понудил иницијален сет на идеи во кој се уфрлени неколку работи од спорните точки меѓу С Македонија и Бугарија.

„Никој не очекува дека ќе се решат спорните прашања за недела или две, дури ни португалското претседателство кое се приближува кон крајот на нивното претседавање. Министерот Силва денеска рече дека во Софија ги слушнал нивните загрижености и сега доаѓа во Скопје да да ги слушне и нашите размислувања за неколку критични точки. Бидејќи како и Бугарите, така и ние рековме дека за некои работи не можеме да разговараме, за некои ќе разговараме. За тоа што нема да преговараме е познато, тоа е таканаречениот идентитетски комплекс“, рече Пендаровски.

Според шефот на државата, Силва побарал од македонското раководство да се кажат точните формулации за критичните точки, бидејќи макеоднското раководство најдобро ќе знае како да ги формулира националните интереси.

„Силва рече дека до 22 јуни кога треба да се одржи европскиот совет, до тој момент, ќе очекуваат од бугарската страна да кажат ‘да’ за преговарачката рамка. На тој совет присуствуваат само земјите-членки на ЕУ, затоа, португалското претседателство очекува дотогаш Бугарија да каже да за преговарачката рамка, но и каже мислење за иницијалниот сет на идеи. Доколку, Бугарија каже нешто или имаат барање за некаква модификација во тој сет на идеи, ќе нè информираат и ќе разговараме тоа е прифатливо и за нашата страна“, додаде Пендаровски.

Back to top button
Close