Пендаровски предлага пропорционален модел со отворени листи и помалку изборни единици

Намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборен праг како и отворените листи имаат потенцијал да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните. Верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес, истакна претседателот Стево Пендаровски во своето обраќање на националната дебата за изборните реформи во државата.

На денешната дебата организирана од Институтот за европска политика, претседателот напомена дека изборните реформи се исклучително важно прашање што го дефинира демократскиот развој и амбиент буквално во секоја држава во светот.

-Мојот став со години наназад е дека на долг рок државата ќе биде подемократска држава ако повеќе политички субјекти бидат дел од еден подиверзификуван парламент. Тоа ќе значи дека повеќе граѓани ќе бидат претставени преку свои репрезенти во законодавниот дом, а во крајна линија тоа ќе придонесе не само за зголемена одговорност на партиите кон бирачите, туку и за враќање на довербата на граѓаните во институциите, додаде Пендаровски.

Тој напомена дека уште на почетокот на мандатот ја поддржал иницијативата на неколку политички субјекти за реформа на актуелниот изборен модел.

-Генерално, мојата поддршка беше за создавање на пропорционален изборен модел со отворени листи, како и намалување на бројот на изборни единици на целата територија на државата. Во таа прилика ги повикав политичките партии од власта и од опозицијата да ја разгледаат можноста за изборна реформа и со политички консензус да постигнат договор за пропорционален изборен модел со отворени листи, каде што граѓаните ќе имаат можност не само да избираат од политичките партии, туку да избираат и кандидати, односно, личности, рече претседателот.

Инаку, според претседателот, едно исклучително важно прашање за натамошната демократизација на земјата – отворените листи на кандидати за пратеници, во сите досегашни дебати на оваа тема се неправедно потиснати во втор план во однос на прашањето за бројот на изборните единициТој верува дека намалувањето на бројот на изборните единици со непостоечки или минимален изборниот праг, како и отворените листи, имаат потенцијал прво да ја збогатат парламентарната дебата и да придонесат за намалување на поделбите меѓу граѓаните, но и дека тоа ќе придонесе за зголемување на демократската политичка култура и поголем ангажман на граѓаните во политичкиот процес од кои, за жал, тие се повеќе апстинираат како што годините одминуваат

Back to top button
Close