Пендаровски предложи Рамка за развој МКД 2030

Забрзан економски раст, заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образованието, младите и инклузивниот развој, се четирите приоритети на Рамката за развој МКД 2030 којашто денеска беше промовирана од претседателот Стево Пендаровски.

– За да постои реална шанса за подобра иднина, од пресудна важност е клучните фактори во државната и општествена инфраструктура да стојат зад една, единствена визија за долгорочен развој. Токму поради тоа и го иницирав процесот за изработка на Рамката за развој МКД 2030 кој, иако најавен во втората половина на 2019, поради пандемијата дури денеска имам задоволство да ви го претставам – рече Пендаровски.

Според него, дијагнозата на проблемите со кои со години се соочува Северна Македонија е загрижувачка, имаме скромен економски раст, ниско ниво на конкурентност и недоволна вклученост во меѓународните синџири на набавки.

– Корупцијата, клиентелизмот и сивата економија нè следат практично од независноста. Сегашниот развој е еколошки неодржлив, социјално неинклузивен, регионално неизбалансиран, енергетски ранлив. Закочените европски интеграции доведуваа до чести политички кризи, поларизација на општеството и партизација на институциите. Скромното државно вложување во истражување и развој ја намали продуктивноста – истакна тој.

Сето ова, продолжи Пендаровски, директно влијае врз растот на БДП, врз платите и врз животниот стандард на граѓаните, особено младите.

– Од бројните негативни податоци, ќе споделам само еден: во 2020 година околу 21,8 отсто од населението живеело под прагот на сиромаштијата, што е двојно повисоко споредено со просекот на ЕУ. Поради комбинираните ефекти на здравствената, енергетската и економската криза, таа бројка денес е повисока. Младите масовно се иселуваат, граѓаните станаа пасивни и аполитични, а недовербата во институциите хронична. Општеството ни е длабоко поделено, а перцепцијата дека е невозможно да се напредува врз основа на сопствените квалитети и способности е сеприсутна – подвлече претседателот.

Соочени со сите овие сериозни проблеми, додаде Пендаровски, си го поставивме следното прашање: како до крајот на оваа деценија да поттикнеме севкупен економски и општествен развој, да ја зголемиме довербата во институциите и да го намалиме иселувањето на младите и како да ја вратиме надежта кај луѓето?

Тој нагласи дека од остварувањето на оваа голема задача зависи дали ќе исполниме една од клучните цели наведени во преамбулата на Уставот, имено, дека државата се конституира за „да се обезбеди социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот.“

– МКД 2030 не е кабинетски, туку теренски документ. Експертите не го пишуваа изолирани во своите канцеларии, туку го создаваа преку широки консултации во инклузивен и транспарентен процес. Некои од нашите најдобри умови ни ја ставија на располагање својата експертиза и искуство. Над 60 организации и поединци од граѓанските здруженија, стопанските комори, академската заедница, медиумските и младинските организации, беа вклучени во различни фази од изработката на овој стратешки документ – рече тој.

Тој детално ги образложи приоритетите во Рамката 2030, истакнувајќи оти се водело сметка и за најнегативните сценарија и најпесимистичките прогнози и токму поради тоа, рече тој, и очекува МКД 2030 да го издржи тестот на времето.

– Од процесот кој траеше со месеци, беа искристализирани четири приоритети, со 166 конкретни препораки, групирани во 24 области. Првиот приоритет е забрзан економски раст. Тоа подразбира зголемување на продуктивноста, подигнување на конкурентноста на економијата, масивно вложување во иновациите и технолошкиот развој, нови домашни и странски инвестиции, намалување на сивата економија и формирање флексибилен и динамичен пазар на трудот – рече Пендаровски.

Вториот приоритет, кажа претседателот, е заштита на животната средина на ниво на европскиот просек и редефинирана енергетска политика, истакнувајќи дека квалитетот на животот и на здравјето директно зависи од квалитетот на животната средина.

Третиот приоритет, посочи претседателот, е дигитализацијата, што iстовремено е и цел самата за себе, но, и средство за постигнување на другите развојни приоритети. Оттука, рече Пендаровски, неопходно е забрзување на дигиталната трансформација и промовирање на дигитална економија и образование, целосна дигитализација на јавните услуги, подигнување на дигиталната писменост и форсирање на многу посилен развој на македонскиот ИТ сектор.

Back to top button
Close