Пендаровски: Рано е да кажам дали ќе барам втор мандат, ќе покажат анкетите


Претседателот Стево Пендаровски сè уште не знае дали ќе се кандидира за уште пет години да биде шеф на државата.

Одлуката на Пендаровски, како што вели тој, ќе зависи од анкетите што ќе треба да се направат.

„Дали ќе се решам да одам на втор мандат ќе зависи од анкетите кои ќе треба да се прават, да го погледнеме расположението на граѓаните некаде во декември годинава или јануари догодина, бидејќи изборите се во април 2024 година и само од тоа ќе зависи. Ако имам доволна поддршка од граѓаните, можам да размислувам за втор мандат. Ако не, се разбира дека ќе се повлечам“,

вели Пендаровски во интервјуто за Гласот на Америка на македонски.
Според Пендаровски, одлуката за тоа дали ќе се кандидира за втор мандат не е работа на желба, на лична амбиција или на мерак.

„Во политиката или имате поддршка од граѓаните во доволен број за да се кандидирате, имате некакви шанси за успех на изборите или, на крајот од денот, тоа ќе се сведе на ваша гола амбиција по секоја цена да учествувате во изборната трка“,
додава Пендаровски.

На прашањето дали уставните измени, доколку се изгласаат во парламентот, може да влијаат на одлуката, Пендаровски даде негативен одговор и додаде дека тој е од онаа група луѓе и политичари кои ги поддржуваат уставните промени и дека тоа нема директна корелација со ова.

„Мислам дека граѓаните ќе ме ценат по целиот петгодишен период, во целина каков е мојот перформанс во целиот мандат“,рече Пендаровски.

Претседателот Пендаровски и во април годинава, на една година пред изборите, рече дека сè уште не одлучил дали ќе се кандидира за втор мандат. И тогаш рече дека најважно му е дали ќе ја добие поддршката од граѓаните за уште пет години како шеф на државата. Но, нагласи и дека е важно дали „коалицијата која во 2014 година ми ја даде таа поддршка, а не само од 2019, ќе ја има и сега“.

Back to top button
Close