Пендаровски со државни и воени почести пречекан од неговиот полски колега Дуда

 Претседателот Стево Пендаровски денеска во Варшава со државни и воени почести беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, со што започна неговата дводневна официјална посета на Република Полска.

 

Како што соопштија од неговиот Кабинет, Пендаровски остварил тет-а-тет средба со Дуда, на која биле потврдени искрените пријателски односи и плодниот политички дијалог меѓу двете држави.

 

– Теми на средбата беа македонските европски интеграции, партнерството во НАТО, војната во Украина и последиците од неа, како и глобалната економска и енергетска криза, се наведува во соопштението од кабинетот на Пендаровски.

Во рамки на официјалната посета е предвидено претседателот Дуда да го одликува претседателот Пендаровски со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, додека претседателот Пендаровски ќе го одликува претседателот Дуда со Орден „8 Септември”.

 

Претседателот Пендаровски ќе оствари средба и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда попладне ќе присуствува и ќе се обрати на средба со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот.

Back to top button
Close