Пендаровски вели дека нема веќе „5+1“ со Бугарија, туку пет комисии

Во интервју за ТВ 24, шефот на државата оцени дека барањето на Софија С Македонија да ги запише Бугарите во Уставот е мешање во внатрешните работи. Тој, исто така, смета дека финалното решение со Бугарија мора да влезе во законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа

Петте комисии ќе бидат новата методологија за работа со Бугарија наместо планот „5=1“, според претседателот Стево Пендаровски.

„Нема повеќе план ‘5+1’ или предлог на кој чекаме одговори, па ќе дадеме наши. Тој план излезе после пропаднатиот Лисабонски предлог. Не добивме никаков одговор, иако сметавме дека тоа е добра почетна точка за понатамошни разговори. Откако пропадна тоа, дури ни формално Бугарија не соопшти на своите членки зошто го прави тоа. Се обидовме со мини пакетот 5+1 да ги одблокираме разговорите. По изборот на новата бугарска влада, се предложи пет комисии да работат и ние се согласивме со тоа. ‘Пет плус еден’ е ад акта. Ја спорам тезата дека нешто сме дале за да добиеме нешто за возврат“,

рече Пендаровски, во интервју за ТВ 24.

Пендаровски смета дека финалното решение со Бугарија треба да биде претставено пред пратениците. Како што вели, мора да влезе во законодавниот дом, за него да се дебатира и да се гласа со мнозинство, но не двотретинско зашто тоа е многу тешко да се добие.

Граѓаните од двете страни, и од македонска и од бугарска, оценува претседателот, мора да знаат за што се преговара.

Според шефот на државата, никако не може да се „протне“ решение кое би било недостоинствено.

„Не, нема шанси тоа да се случи. Не може да се протне такво решение. Прво јас ќе излезам на прес-конференција и ќе кажам ‘народе, јас ова не го прифаќам’. И не мислам дека кој било договор треба да се крие од македонската или бугарската јавност. На сила таа работа не оди, треба да им се каже на граѓаните ‘за ова разговараме и со ова не се рушат националните позиции’“,

рече шефот на државата во „24 анализа“.

Во однос на изјавите на поранешниот вицепремиер за европски прашања, Никола Димитров, претседателот потврди дека по секоја координација во Владата, оформениот документ најпрво доаѓа кај него, а државниот одговор бил заеднички во однос на планот „5+1“.

„Претпоставувам дека Димитров е во право и дека имало различни ставови за сензитивни прашања. Но откако ќе завршеа со консулатациите во Владата и кога ќе оформеа документ, јас го добивав. Ме прашуваа и јас што мислам. Нашиот договор, државен, не само владин, беше идентичен на португалскиот предлог, државниот одговор беше заеднички и во однос на ‘5+1’ планот. А што се случувало во координациите пред тоа, не знам“, рече Пендаровски.

Барањето на Софија Северна Македонија да ги запише Бугарите во Уставот, според Пендаровски, е мешање во внатрешните работи.

Тој вели дека Македонци во Бугарија има, но тие се бугарски државјани и нивното право од тој аспект треба да го бараат на индивидуално ниво. Доколку ги исцрпат сите правни механизми во Бугарија и не добијат такво право, тогаш се обраќаат во Стразбур.

„Македонци во Бугарија постојат. А дали ние од тука како држава ќе се мешаме да ги помагаме нивните права. Не. Зошто не? Правило број еден во меѓународно право, меѓународна политика, член два од Повелбата на ОН – важи за сите држави во светот: нема мешање во внатрешните работи на државата. Тие се бугарски државјани, граѓани на Република Бугарија. ве уверувам дека македонската држава никогаш на ниво на држава не се обидувала таму да ги буцка, да ги провоцира, да им вели ‘излегувајте, да им дава помош’. Тоа се решава на индивидуално ниво. Се чувствуваш како Македонец, ќе го кажеш тоа. Ако не ти даваат, одиш во Стразбур. Тоа е патот. Нема друг начин“,  истакна Пендаровски.

 

 

Back to top button
Close