Пендаровски: Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега

– Пред скоро три децении, во 1991-та, на референдум, убедливо мнозинство наши граѓани гласаа да живеат во независна, слободна и демократска Република Македонија. Оттогаш имавме и напредок и падови во борбата за демократски вредности. Патот по кој тогаш тргнавме не е лесен, вели во писменото обраќање претседателот Стево Пендаровски по повод 8 Септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија.

-Тој бара политичари кои носат одлуки во интерес на граѓаните, транспарентни институции, постојан дијалог меѓу власта и опозицијата, граѓански сектор кој ја преиспитува работата на секоја власт и слободни медиуми кои работат за јавниот интерес, а не под диктат на политиката или бизнисот. Исто така, демократијата не препознава дискриминација врз основа на национална или етничка припадност, боја на кожа, пол, сексуална ориентација, социјално потекло, верско или политичко уверување, попреченост или која било друга основа, вели Пендаровски.

Оваа година, како што посочува претседателот на државата, беше тешка и за нас и за светот поради пандемијата на Ковид-19. Криза која ги зафати сите сфери на нашето живеење и остави трајни последици врз начинот на кој работиме, се дружиме, начинот на кој учат нашите деца. Пандемијата сигурно ќе биде со нас уште некое време и ќе донесе дополнителен притисок врз целото општество. Но, со заеднички сили и посветена, напорна работа можеме да ги надминеме тие проблеми.

-Оваа година беше и година на наш, голем заеднички успех. По решавање на деценискиот спор за името со Грција и имплементирање на потребните реформи, станавме полноправна членка на НАТО и со тоа исполнивме една од двете главни стратешки цели на надворешен план. Оваа година очекуваме уште еден успех – формален почеток на преговорите за членство во ЕУ. Ако постои национален консензус за тоа на зборови, сега е нужен и реален, конкретен консенсус меѓу власта и опозицијата, невладиниот сектор и бизнис заедницата за брзо завршување на преговорите затоа што тие се исклучително значаен инструмент за подобрување на животот на сите наши граѓани, истакнува Пендаровски.

Почнувајќи ја триесеттата година на нашата независност, очекувам, вели претседателот Пендаровски, граѓаните да останат гласни и постојано да бараат од политичарите одговорност. – Затоа што ние сме должни да работиме во ваш интерес. Заеднички императив е следните години да живееме многу подобро отколку до сега. Со многу работа и со меѓусебно почитување тоа сигурно ќе го постигнеме, додава во писменото обраќање претседателот Пендаровски.

Back to top button
Close