Пенкало

Зборот на месецов е секако пенкало, изум на хрватскиот новатор Станислав  Пенкала. Полскиот Евреин, роден во Словачка не можел да претпостави каква рола неговиот изум ќе има во меѓународните односи. Колку само договори за мир и отпочнување на војни се потпишани со пенкалото откако на почетокот на минатиот век, се разли првото мастило од пенкалото. И овде на Балканот многу мастило е пролиено со потписите со пенкала. Ама многу повеќе крв. Овде договорите не се почитуваат. Потпишувачите ги земаат пенкалата ,или како поклон, или на клептомански начин. И двете можности се предвидени и користени, посебно ако станува збор за скапоцени пенкала. Порано пенкалата беа сталешки симбол. Ако имаш пенкало чија што рачка зирка од џепџето на дворедното палто, тогаш можеше да се сметаш за елита. Пенкалото се чуваше како очи в глава. Се внимаваше, тогаш сеуште  флуидното мастило кое со помош на малото пумпиче влегуваше во пластичнaта епрувета, да не истече и направи дамка која не можеше да се исчисти. На столовите беа упијачи со кои циркачите при потишувањето нежно ги пеглаа потписите, кои оставаа  блед  испрекиден  траг  на упијачот. И готово. Се разменуваат документите и потпишувачите влегуват во истрорија. Така се случи со потпишуањето на Договорот во Преспа, а и со Софија. Така минатата недела колоритниот претседател на САД, Д.Трамп им подели не само на потписниците , туку и на оние што им го чуваа грбот по едно пенкалце.Тоа најзначајното со ДНК отпечатоци на самиот претседател, му го подари на најгабаритниот актер на церемонијата обавена  на работната маса. Да онаа истата, од времето на несташниот Б.Клинтон и под  кој своевремено синчето на Џ.Кенеди  играше со таткому криенка. Се разбира се во овалниот кабинет, од кој се офајди и срамежливата практикантка М. Л. Сликите потоа ќе стојат во кабинетите на потписниците додека се на власт, а потоа прашината  на истите фотки, поставени на видно место, ќе ги бришат нивните вредни сопруги.

И нашиот претседател пред еден месец потпиша акт со кој му даде мандат на лидерот на СДСМ, З.Заев да формира Кабинет. Пред тоа спикерот на Собранието долго го грееше пенкалото во летното одело пред да се изгласа новата влада. И тоа се случи, но Собранието уште не постигна работна температура. Централно прашање е како ќе се регулираат трошоците околу патарини и користење на службени возила и сместување во метрополата. Во еден мандат во Виена, на истата улица зад австрискиот парламент (Бундестаг) живееше и тогашниот претседател на Парламентот Х.Фишер, кој секое сабајле го среќавав како  одеше пеш ( zu Fuss) на работа, без обезбедување. Редовно ќе застанеше во една продавница (Beckerei) да си купи кифла (Semmel) со “винер” салама, која му стоеше на работната маса, чекајќи го појадокот. Така е тоа во демократски држави.

Ние се брзавме да организираме  избори , за да го забрзаме патот кон ЕУ, а сега одолговлекуваме со почеток на функционирање на Собранието и владата.Тоа може да има последици на внатрешните состојби,а и на надворешните кои милувам да ги коментирам. А еве и зошто. Едноставно пенкалата не ги решаваат проблемите. Да е така светот одавна не би бил загрижен за биолошкиот опстанок. Српскиот претседателот, воедно и премиер, врховен командат и шеф на дипломатија, би можел наскоро да го лустрира пенкалцето од Вашинтгон, по најавената посета на В.Путин на Белград. Со пенкалцето, А.Вучиќ само си отвори нови проблеми. И ние полека ја намалуваме еуфоријата околу улогата на пенкалцата од Преспа и Софија. Ни помогна официјална Атина, која е задоволна со потпишаниот Договор, кој за нив е добар, дури и самите не можеле подобар да подготват. Бугарите доцна сфатија дека со Договорот за добрососедство (2017) постигнале помалку во споредба со бенефитите на Грција од Преспанскиот договор (2018). И се појавија проблемите  за кои  уште пред неколку години ги најавив. Дипломатски гледано договорот со Софија, нас не става во дефанзивна позиција, што за нас е посебно тешко со оглед на ефикасноста на нашата дипломатија, разиденоста во државата и забетонираната бугарска позиција за ткн. национално прашање. Двете меѓувладини комисији, наводно стручни (со Грција и Бугарија) тешко ќе го решат овој проблем (идетнтитески) кој суштински е предмет на меѓународното право. Вице премиерот Н.Д. се огласи дека “идентитетските прашања не можат да бидат предмет на политичка декларација”. Таков став требаше да имаме     уште 1993. Но тоа е тажна приказна. Со фудбалски жаргон, Бугарите сакаат во раната фаза да го решат мечот. Планот може да им го поремети Ангела Меркел.

Не ни се јасни позициите ниту со соседите. Со Албанија тактиката  зависи од односите на  најголемите етнички заедници, при што Албанците покажуваат повисок степен на интегрираност. На меѓународен план во полза им оди што сега  тројца министри за надворешни работи во регионот  се Албанци. Нашиот став во врска со решавањето на прашањето меѓу Белград и Приштина не е јасно кристализирано. Нашиот досегашен став не е автетичен. Тој е изнуден од домашни и надворешни фактори. Односите со Србија се формално добри, поради познатите критеријуми од Копенхаген. Посебно се осетливи на прашањето со Косово. Проблемот со признавање на автокефалноста на МПЦ е црковна дипломатија, при  што двете страни како да се задоволни со сегашните позицији. Нашата дипломатија со црковната не соработуваат. Не е јасна позицијата на МПЦ во однос  на Законот за слобода на вероисповеста во Црна Гора. Не е јасна нашата позиција спрема Израел, од аспект  на влијание на оваа држава во меѓународни рамки (посебно со САД) и во контекст на проблемите со разединетиот арапски свет. Израел негува  посебен однос  спрема нас,поради тоа што отворивме прв музејум на холокаустот во Европа и подготвен е да ни помогне. Нерезидентниот амбасадор на Израел во СРМ неодамна соопшти дека наскоро Израел ќе отвори амбасада во Скопје.  Недефиниран е ставот околу кршењето на Рeзолуцијата бр. 181 на ОН око лу признавањето на Ерусалим за главен град на Израел. После признавањето на Косово од Израел, ја чекаме одлуката на Приштина за отварање на амбасада во Ерусалим  со што се отвораат нови дилеми.

Треба темелно да ја анализираме  последната вашинтонска дипломатска активност на  претседателот Трамп во однос на нашиот регион. Во очајничкиот обид да се реизбере за претседател, а неможејќи да го реши проблемот со Косово, па и Босна тој топката ја префрлува во дворот на ЕУ, преку приемот на преостанатите  држави во ЕУ, при што ткн. “Мал Шенген” и доларите на САД е формула за остварување на таа идеја, и сопирање на јакнење на влијанието на Кина и Русија.

Русите ги доживуваме како исклучиво енергетски потенцијал, макар што постојано сме заобиколувани. Мера за нашите односи со Москва се односите со САД. Дипломатски тоа е грешка. Кина е незаобиколна во влијанието во регионот,со најмала инфлуенца кај нас. Односите со Словенија, Босна и Црна Гора за нас се само носталгична  рефлексија. Амбасадорите во овие држави не знат што да прават со себе.

Меѓународната позиција ни е незабележена, што е природно и очекувано. Она што не е очекувано е  степенот на нашето ангажирање во Комитетите на ОН, во Советот на Европа, Европскиот парламент. При тоа мислам и на залагањето на нашата Мисија во Њујорк, Брисел (НАТО и ЕУ).

Не треба да се губи време на оптужување на опозијата што не сработала и на кое дереџе не довела. Постојат институции кои тоа треба да го  санкционираат. А владата треба да почне со активности кои се дополнително искомпликувани со ковидот и неговиот есенски бран.

Председателот не треба да го штеди пенкалото да потпишува укази за именување на амбасадори, при што неговиот личен став треба да се респектира ,а не да биде језичекот на етничкото вагање на кадровите. Новиот министер Б.Османи треба да излезе со нова агенда за приоритетите на СРМ на меѓународен план, со оглед на новите предизвици. Треба да покаже дека еден период (успешен) во неговото политичко влијание заврши. Почнува друг во кој треба да ги разбије предрасудите, поим кој милува да го употребува, кога се во прашања правата на Албанците и да се концетрира на функционалноста и ефикасноста на дипломатијата, користејќи ги најспособните кадрови. При тоа не лоше да се преиспита врската на делувањето на Дипломатскиот клуб со институцијата МНР. Исто така и со неприроднит микс во составот на Советот на амбасадори. Посебно е значајно за МНР конечно дефинирање на непотребната функција заменик министер, бидејќи државниот секретар би можел да ја обавува таа функција, а професионалец како Генерален секретар и соодветен шеф на Кабинетот би биле неговите ослонци во институцијата – МНР.

Ѓорѓи Мисајловски

Back to top button
Close