„Пено, тешки тркала те газат“ – во Тетово измислуваат нови начини за изживување над природата


Двајца моторџии, по природа очигледно авантуристи, изгледа буквално го сфатиле зборот „теренски“ во имињата на нивните возила — тие со четирицикли влегоа и возеа во самото корито на реката Пена кај тетовското излетничко место Бањиче. На снимката што самите ја објавиле, се гледаат двајцата модерни каубои, чиишто превозни средства се современи, но немаат многу други допирни точку со новото време, како со немалку мака, но и со нескриена гордост, возат стотина метри по камењата, додека трет ги снима за социјалните мрежи.

Според профилот на Инстаграм, двајцата веројатно се занимаваат со изнајмување мотори, па влегле во реката за да ги снимат и потоа да ги рекламираат способностите на нивните четирицикли.

Сцената е слична на оние на Дивиот Запад пред 150 години, но крупната разлика е во тоа што современите десперадоси не јаваат коњи, туку модерни превозни средства, а копитата, наместо да го носат товарот и да газат по камењата на речното дно, сега се качени на модерните „коњи“, неспоредливо побучни и понепријатни за гледање и за слушање.

„Пено, тешки тркала те газат“, вели еден граѓанин коментирајќи го ова на социјалните мрежи.

Последниве години четирициклите, незграпните мотори на четири тркала познати и како квадови, станаа многу популарни не само за вакво изживување врз природата на Шар Планина, туку и во самиот град, како купено или изнајмено средство за привлекување внимание. Особено популарни кај млади мажи кои мислат дека брмчливиот мотор е она што им недостига за да си фатат девојка, овие возила лето-зима ги тероризираат нормалните жители на градот, а нивните возачи се посебно напорни во периодите кога во Тетово доаѓаат напливите од иселеници, во летните месеци и околу Нова година.

Токму поради ваквото изживување врз природата, моторните возила се забранети во повисоките предели на Националниот парк „Шар Планина“, а контролата ја вршат ренџери од Паркот. Но, што поблиску се симнувате кон Тетово и како излегувате од границите на националниот парк и контролата станува целосна обврска на полицијата, почнуваат сè побрутални егзибиции и дивеења над природата (и над луѓето и јавниот простор) кои никој не ги казнува.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close