Пентагон подготвен за евентуална инвазија на Гренланд, потврди Хегсет во Конгресот
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска потврди пред Конгресот дека Пентагон има развиено планови за евентуално преземање на Гренланд и Панама со сила.
Хегсет беше сослушуван од Комитетот за вооружени сили при Претставничкиот дом, каде што повеќепати влезе во остри расправии со демократските членови, обидувајќи се да избегне директни одговори за своите постапки.
На прашањето на демократскиот конгресмен од Вашингтон, Адам Смит, дали Пентагон има планови за преземање на Гренланд или Панама доколку е потребно, Хегсет одговори: „Нашата задача во Министерството за одбрана е да имаме планови за секое можно сценарио.“
Претседателот Доналд Трамп веќе неколку пати изрази желба да воспостави контрола врз стратешки важниот и со минерали богат Гренланд, изјави кои беа решително отфрлени и од лидерите на Гренланд и од Данска.
Републиканските пратеници неколку пати му се извинија на Хегсет за критиките од демократите, оценувајќи дека не треба да биде изложен на такво „флагрантно непочитување“. Хегсет рече дека е „подготвен да ја преземе одговорноста“ да носи тешки одлуки и да прави што е најдобро.
Еден од најспорните моменти на сослушувањето беше користењето на апликацијата Сигнал за комуникација за американски воени напади врз бунтовниците Хути во Јемен – разговори што Хегсет ги водел не само со други американски лидери, туку и со членови на своето семејство. Тој беше притиснат со прашања дали откривал доверливи информации и дали треба да сноси одговорност доколку го сторил тоа.
Хегсет тврди дека класифицирани информации за тие операции не можат да се разгледуваат со законодавците. Извештајот на надзорниот орган на Пентагон за неговото користење на Сигнал се очекува наскоро.
Министерот влезе и во жестока дебата за тоа дали жените и трансродовите лица треба да служат во војската, особено на борбени позиции. Изјави дека работел на укинување на програмите за различност и политичка коректност во војската, нагласувајќи дека не ја политизирал, туку сака најспособни војници.
Иако претходно изјавил дека жените не треба да се борат на фронтот, Хегсет сега тврди дека под администрацијата на Трамп жените се приклучувале во рекорден број. Според него, воените стандарди „треба да бидат високи и еднакви за сите“.