Пензијата за декември ќе биде навреме исплатена на 2 јануари

Фондот на ПИОМ ги известува сите корисници на пензија дека целосно се обезбедени потребните средства за исплата на пензиите за месец декември 2025 година.

– Како институција одговорна за исплата на пензиите и обезбедувањето на правата од пензиското и инвалидското осигурување и социјанта сигурност на пензионерите, Фондот навремено ги заврши сите подготовки за непречена реализација на исплатата на пензиите. За оваа намена се обезбедени средства во вкупен износ од 9.289.521.686,00 денари – девет милијарди 289 милиони 521 илјади 686 денари – за вкупно 340.156 корисници на пензија. Поради тоа што 1 јануари е неработен ден – државен празник, средствата ќе бидат префрлени до деловните банки на 2 јануари 2026 година, појаснуваат од Фондот на ПИОМ.

 

Известувањата со прецизните податоци за бројот на пензионери и соодветните износи, ПИОМ веќе ги доставил до сите деловни банки, со што, се потенцира, се гарантира дека процесот на исплатата ќе се одвива ефикасно и без доцнење.

– Фондот на ПИОМ ја користи оваа прилика да им ги честита претстојните новогодишни и божиќни празници на сите пензионери и граѓани на Република Македонија и да им посака сè најдобро во Новата 2026 година, се додава во денешното соопштение.

Back to top button
Close