Пензиите од март повисоки за 2.500 денари
Пензионерите со исплатата на мартовската пензија на 1 април треба да го добијат вториот дел од ветените 5.000 денари што владејачката ВМРО-ДПМНЕ ги најави во предизборната кампања за парламентарните избори.
Првиот дел од 2.500 денари од линеарното зголемување, пензионерите го добија со октомвриската пензија.
Од Владата велат дека парите за оваа намена се обезбедени во Буџетот и не очекуваат турбуленции во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Уверуваат дека Фондот на ПИОМ е стабилен и дека буџетска дупка во ПИОМ ќе има уште шест до седум години додека не почне поробусна исплата на пензиите од Вториот пензиски фонд.
За исплата на пензиите во Буџетот за 2025 година се предвидени 105,5 милијарди денари со кои се обезбедени средства за најавеното зголемување на пензиите за 2.500 денари.
Директорот на Фондот за ПИОМ Никола Мемов на последниот брифинг со новинарите најави дека ќе се продолжи со краткорочни и среднорочни мерки за стабилизирање на буџетскиот дефицит.
Очекува приходите по основ на плаќање на придонеси да растат, а за придонесот за пензиско осигурување, рече, дека останува 18,8 проценти.
Експертите остануваат на ставот дека целосното исполнување на ветувањето за линеарно зголрмување, ќе предизвика дополнителен притисок врз буџетот и ќе генерира дополнителен трошок од околу 200 милиони евра на годишно ниво. Вакви ад хок решенија, според експертите, треба да се избегнуваат затоа што постојат системски прилагодувања на пензиите два пати годишно, но дека се оправдани во услови на зголемена инфлација.
Од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија го поздравија зголемувањето на пензиите посочувајќи дека секое зголемување е добредојдено за корисниците на пензија, но дека треба да се има предвид и фискалната стабилност на Пензискиот фонд затоа што значајно е да има доволно средства за редовна исплата на пензиите.
Стабилноста на Пензискиот фонд го наметна и прашањето за зголемување на старосната граница за пензионирање од сегашните 62 години за жени и 64 за мажи на 67 години и за мажи и за жени. Со ваков предлог излезе Фискалниот совет како независно тело што изработува анализи и мислења за макроекономските и за фискалните претпоставки користени за изработка на Буџетот на државата и фискалната стратегија.
Во нивното мислење доставено како предлог кон Фискалната стратегија 2025-2029 година се предлага од 2026 година да се зголеми старосната граница за пензионирање за мажи и жени на 67 години и истовремено да се зголеми стапката за пензиско осигурување за 0,7 процентни поени, односно да изнесува 19,5 проценти. Според нив, ваквите мерки се потребни за одржување на Фондот на ПИОМ, намалување на фискалните ризици и за консолидација на буџетот во наредниот среднорочен период.
Предлогот на Фискалниот совет наиде на реакции и кај јавноста, експертите и синдикати.
Од Сојузот на синдикати на Македонија потенцираа дека пензиските реформи во сериозни држави се прават врз основа на сеопфатни анализи за целокупната општествено – економска состојба со сите предности и клучни предизвици во насока на социјално згрижување и сигурност за најголем број од населението.
Според ССМ, наместо продолжување на границата за пензионирање, потребно е воведување на повеќе услови за пензионирање, како пензионирање со навршени 40 години работен стаж за мажи и 35 години работен стаж за жени, предвремено пензионирање, воведување на бенефициран стаж за градежните работници и за други дејности каде што работните задачи се одвиваат во особено тешки услови за работа кои штетно се одразуваат на животот и здравјето на работниците, старосна пензија – по возраст или работен стаж – по дејности, предвремена старосна пензија по возраст, неполна старосна пензија по возраст обезбедување на можност за докуп на стаж.
И дел од експертите се против ваквиот предлог затоа што според нив зголемувањето на старосната граница за пензионирање нема да ги реши проблемите со кои се соочува Пензискиот фонд и на краток рок нема да даде ефект бидејќи резултатите од зголемувањето на границата за пензионирање се гледаат дури по 10-тина години. До тогаш, според универзитетскиот професор Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии, дел од проблемите со дефицитот на Пензискиот фонд ќе почнат да се решаваат природно со исплатата на пензии од Вториот пензиски столб.
Покрај Фискалниот совет, и Светска банка оцени дека без реформа, пензискиот дефицит се повеќе ќе се зголемува. За справување со овие предизвици, од Светска банка предложија постепено зголемување и изедначување на возраста на пензионирање на мажите и жените и постепено зголемување на стапката на придонесот