Перцепцијата за работата на Собранието не е позитивна кај граѓаните, потребна е поголема транспаретност

Перцепцијата за работата на Собранието генерално не е позитивна кај граѓаните, довербата е мала и потребна е поголема транспарентност, истакнаа пратеничките Рашела Мизрахи и Санела Шкриељ на денешниот завршен настан од караванот „Собрание за граѓаните“ во чии рамки беа посетени уште 12 градови низ земјата.-Собранието е институција што е на граѓаните и за граѓаните и како пратеници сме свесни сите дека треба подобро да работиме во таа насока, со цел да испорачуваме подобри политики и мерки за граѓаните. Меѓутоа сакаме да упатиме и една порака до сите граѓани дека Собранието е отворена институција и во било кој момент може да не исконтактираат, да закажат средба и да се сретнат со било кој од нас за да поразговараат за се она што е актуелно, изјави пратеничката Шкриељ од СДСМ.

Според неа, има простор за унапредување на транспарентноста за работата на Собранието.– Има простор за унапредување на транспарентноста за работата на Собранието. Ние како пратеници треба секогаш првенствено да ги ставаме интересите на граѓаните така што има простор за подоборување на нашата работа, затоа што граѓаните не плаќаат да работиме за нив, рече Шкриељ.

Пратеничката Мизрахи од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Парламентот има релативно низок рејтинг во однос на довербата кај граѓаните.

-Парламентот има релативно низок рејтинг, според одредени истражувања најнизок рејтинг како институција во однос на довербата што ја добива од граѓаните. Сите ние треба да работиме на подобрување на таа перцепција – да не се гледа Собранието како дом на политичките партии, туку буквално да биде дом на граѓаните и да одговара на прашањата и општествените проблеми на граѓаните. Транспарентноста се поставува како фактор број еден, рече Мизрахи.

Смета дека во реториката што се користи во Собранието, треба да се конструираат одговори кои полесно ќе бидат прифатливи односно разбирливи за граѓаните. За да имаме такви дискусии, треба самите министерства кои доставуваат закони до Собранието да ги образложуваат законите на начин којшто ќе биде прифатлив и разбирлив за сите нас, рече Мизрахи.

Во однос на учеството на младите во креирањето на политиките, оценката е дека Собранието станува поотворено и потранспарентно.

Back to top button
Close