Перформативен натпревар на „едноминутни новели“ и разговори со автори на фестивалот „Друга приказна“

Во рамки на програмата на седмиот Регионален книжевен фестивал „Друга приказна“, вечер во МКЦ-Скопје своите творештва ќе ги претстават повеќе автори од регионот.

Како што информираат организаторите, во т.н. прв блок на разговори публиката ќе може да се запознае со Сенка Мариќ, Срѓан Срдиќ, Маша Сеничиќ, Јана Букова и со Данило Лучиќ. На фестивалот ќе гостува и словенечката пистелка за деца Јана Бауер, која беше лауреатка на фестивалот „Друга приказна“ во 2020 година.

И годинава повторно ќе се одржи традиционалниот перформативен натпревар со „едноминутни новели“ насловен „Овде паѓаат крупни зборови“, на кој со своите кратки фикции ќе се натпреваруваат 12 странски и домашни писатели и писателки.

Како учесници на овој книжевен перформанс најавени се Маша Сеничиќ, Данило Лучиќ, Јана Букова, Тања Аждаја, Ива Дамјановски, Милан Дамјаноски, Стефан Алиевиќ… Водител е Владимир Лукаш. Ова е вообичаено најпопуларниот настан на фестивалот, а изминативе години победници на натпреварот беа угледни авторски имиња, наведуваат организаторите,

Ненад Тонкин ќе ја постави изложбата „Суштества страшни со фризури и машни“, скулптури со мал формат изработени од готови најдени предмети и рециклиран материјал.

Вечерта ќе се заокружи со филмот „Долги реси“ на Драган Протиќ-Прота, кој се фокусира на еден, денес заборавен дневен ритуал и преку духовито патување низ балканските дневни и спални соби, кројачки и куќни салони, ја оживејува „музиката“ на некогашните фабрики, заедници, естетски начела и ритуали. По проекцијата предвиден е разговор со авторот Протиќ.

Утре на третиот ден од фестивалот, предвидени се две креативни работилници за деца „Читање додека си играме? Поезијата на Ф. Гарсија Лорка како игра“ со Барбара Прегељ, Ненад Тонкин и Доротеј Нешовски.

Во вториот блок разговори ќе ја претстават својата работа во наставата по книжевност и работата со млади Ана Фазекаш, Хелена де Карина, Ружица Марјановиќ и Барбара Прегељ.

Мал концерт ќе одржи Димитра Цилевска.

Влезот на сите настани е слободен.

Фестивалот „Друга приказна“ е поддржан од ТРАДУКИ и од Министерството за култура на Република Северна Македонија

Back to top button
Close