Перински и Ганиу ќе ги чекаат анкетите на нивните партии за да видат дали ќе ги кандидираат на локалните избори
Анкетите од матичните партии ќе покажат дали министерот за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, ќе се кандидираат на локалните избори што треба да се одржат есенва.
Министерот Перински вели дека тој е потенцијален кандидат за скопски градоначалник, но сепак додава оти се уште е рано да се зборува.
„Времето ќе покаже. Сè уште е рано. Апсолутно дека сум потенцијален кандидат за градоначалник. Но, сè уште нема конечна одлука. Ќе видиме во која насока ќе оди“, рече Перински при денешната посета на Општина Чаир во рамки на теренските посети на општините – „Каде што срцето е дома“.
Актуелниот градоначалник на Општина Чаир, Висар Ганиу, е убеден дека кој и да биде кандидат за прв човек на оваа општина од редовите на „Вреди“ ќе биде квалитетен и способен да ја води на најдобар начин.
И тој како и Перински вели дека партијата ќе одлучи кој ќе биде кандидат за градоначалник според анкетите што се прават.
„Партијата ќе одлучи за тоа. Сигурно дека прават анкети. Но, јас сум убеден дека од Демократското движење и како ’Вреди’, и ако не е Висар Ганиу, кој и да биде од тие кандидати што ќе ги поставуваат во анкета, јас мислам дека секој има способност и квалитет да ја води оваа општина на најдобар можен начин. Секој што ќе биде избран за да биде кандидат во иднина јас сум убеден дека ќе биде вистинскиот кандидат за да им служи на сите граѓани“, рече Ганиу.