Перински му одговори на Ѓорѓиевски за барањето од ЗЕЛС: Прво соберете си ги 100-те милиони евра од данок на имот, па барајте повеќе пари од државата

Барањето на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) за зголемување на процентот од ДДВ на 10% и на персоналниот данок на 50% е легитимно, но само доколку државниот буџет има неограничени можности. Ова го изјави министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој порача дека градоначалниците прво мора да си го погледнат сопствениот двор.
Според најновите анализи на Министерството, општините во Македонија годишно губат меѓу 80 и 100 милиони евра само затоа што имаат хаос во даночните бази и не го собираат ефикасно данокот на имот.
Каде „испаруваат“ општинските пари?
Имоти надвор од системот: Општините губат околу милијарда и 100 милиони денари бидејќи во своите бази немаат воопшто евидентирано илјадници куќи, станови и деловни објекти.
Нема ажурни бази: Локалните самоуправи немаат автоматизиран систем за следење на даночните обврзници.
Селективност на терен: Постои субјективен пристап и толеранција од страна на вработените или градоначалниците за тоа на кого ќе му се прати налог за наплата, а на кого не.
За да се надмине овој проблем, Владата формира специјално координативно тело (вклучувајќи ги Министерството за финансии, УЈП, Катастарот, Министерството за дигитализација и самиот ЗЕЛС) со цел да се создаде заедничко софтверско решение.
„Целта е процесот целосно да се автоматизира. Кога граѓанинот ќе купи или промени имот, податоците веднаш да се вкрстат меѓу Катастарот, УЈП и општината. На крајот на годината, даночното решение ќе се генерира автоматски. Нема веќе локалниот моќник или вработениот во општина да бира за кого системот ќе биде мајка, а за кого маќеа“, дециден е Перински.
Министерот заклучи дека дури откако општините ќе го искористат максимумот од постојниот закон (од кој сега добиваат по 6% од ДДВ и персонален данок) и ќе ги затворат дупките низ кои им бегаат милиони евра, тогаш објективно ќе може да се преговара за дополнително зголемување на колачот од централниот буџет.






