Перински за апликацијата на Град Скопје за набавка на автобуси: Замислата на повикот за проекти за општините беше интервенција во инфраструктурата
Основната замисла на јавниот повик не е да се набавуваат основни средства, туку да се интервенира во инфраструктурата, изјави денеска министерот за локална самоуправа Златко Перински, прашан за коментар во врска со апликациите на Град Скопје на повикот за проекти за општините, кои, меѓу другото, се однесуваат на набавка на автобуси.
Сепак, вели Перински, треба да се види исходот од евалуациските комисии, низ чии раце ќе поминат сите поднесени апликации за проекти од општините, па потоа да се носат заклучоци.
„Поентата на овој јавен повик беше онаму каде што самите локални самоуправи немаат доволно средства да инвестираат во подобрување на водоводната, канализационата, патната инфраструктура, во делот на образованието, тоа да го направат преку оваа можност којашто им ја даваме преку централниот буџет. Тоа е главната и основна замисла на проектот“,изјави денеска за новинарите министерот Златко Перински.
Прашан дали ќе бидат одобрени некои од проектите со кои на јавниот повик аплицираше Градот Скопје, министерот рече дека процесот на евалуација се работи во рамки на ресорните министерства.
„Градот Скопје го гледаме како една од единките на локалните самоуправи, не го двоиме затоа што нема ни потреба, така што, што ќе одлучат евалуационите комисии тоа ќе го дадат како предлог на усвојување до Владата и ќе видиме што ќе се усвои“,додаде Перински.
Инаку, на јавниот повик за финансирање на капитални и инфраструктурни проекти за општините, Градот Скопје аплицираше со 20 проекти. Пред два дена од Градот информираа дека на повикот е аплицирано за проекти од различни области во насока на подобрување на јавниот превоз, развој на градската патна инфраструктура, противпожарната заштита, јавната хигиена, информациски технологии и дигитализација и културата.