Песков: Полска се заплетка во истрагата за саботажа на железницата, таму буи русофобијата

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека полските власти се „заплеткаа“ во истрагата за саботажата на железничката пруга од Варшава кон Лублин, по сомневањата дека украински граѓани се вмешани во инцидентот, предупредувајќи дека Варшава би можела да се соочи со „тешки последици“ и со напомена дека таму „буи“ русофобијата.

Песков рече дека е „интересно“ што украинските граѓани повторно се споменуваат во овој случај, пренесуваат руските медиуми.

„На местото на Полјаците, Германците и Французите, јас би се замислил. Да се ​​потсетиме на „Северен тек“: експлозија, Украинци. Полска го апси осомничениот, Германија бара екстрадиција. Што прават Полјаците? Тие не екстрадираат… Ако продолжат да си играат со оган, ќе се соочат со многу сурови последици“, изјави Песков за каналот „Русија 1“.

Тој, исто така, го обвини полскиот премиер Доналд Туск дека и претходно „заштитувал и оправдувал“ украински државјанин за кој се сомневаше дека е вмешан во експлозиите на гасоводите Северен тек.

„Истиот Туск велеше дека ако целите се доволно благородни, тогаш може да се занимава и со тероризмот“, рече Песков.

Зборувајќи за критиките од Полска, Песков рече дека не би било изненадување ако Русија веднаш биде обвинета за инцидентот, бидејќи, како што изјави, „сите форми на хибридна и отворена војна“ се припишуваат на Москва.

„Во Полска, сите се обидуваат да трчаат пред европската локомотива. Таму буи русофобијата“, рече Песков.

Претходно денеска, полскиот премиер Доналд Туск изјави дека земјата идентификувала двајца Украинци одговорни за саботажата на железничката пруга, за кои рече дека соработувале со руската разузнавачка служба и избегале во Белорусија.

Доказите сугерираат дека руската разузнавачка служба наредила уништување на дел од железничката линија што води кон Украина, соопшти владата.

„Сè укажува на фактот дека инцидентот на железницата за време на викендот бил инициран од руските тајни служби“, рече Јацек Добжински, портпарол на министерот за тајни служби, објави Евроњуз.

Инцидентот, кој Туск го нарече „невиден чин на саботажа“, вклучуваше експлозија на дел од железничката пруга помеѓу Варшава и границата со Украина, додека друга делница подалеку на југ беше исто така оштетена, а токму оваа железничка линија се користи за транспорт на помош за Украина

Back to top button
Close