Песков: Русија го засилува присуството во Африка и не исклучува „тампон-зона” во Украина
Русија ќе го засили партнерството со одредени африкански држави, вклучително и во чувствителни сектори како одбраната и безбедноста, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на прес-конференција во Москва.
Повод за изјавата е најавеното повлекување на паравоената група „Вагнер“ од Мали. Кремљ објави дека Рускиот африкански корпус, кој дејствува под нејзина контрола, ќе остане таму.
– Присуството на Русија во Африка се зголемува. Планираме сеопфатна соработка, со акцент на економијата и инвестициите, но и на одбраната и безбедноста, рече Песков.
Западот е загрижен поради растечката улога на Русија во земји како Мали, Централноафриканската Република и Екваторијална Гвинеја, на штета на влијанието на Франција и САД.
Тој, исто така, изјави дека плановите на НАТО за четирикратно зголемување на противвоздушната одбрана ќе бидат тежок товар за европските даночни обврзници. Се очекув генерален секретар на НАТО Марк Руте денеска да го објави овој план во Лондон.
Во врска со Украина, Песков изјави дека офанзивата во Днепропетровската област има цел создавање „безбедносна тампон-зона“. Москва вчера тврдеше дека напредува во тој регион.