„Песталоци” во Општина Центар добива сензорна соба за учениците со образовни потешкотии

Учениците со образовни потешкотии во основното училиште „Ј. Х. Песталоци” во Скопје добија нова комплетно опремена сензорна соба, која расплага со дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема.

Сензорна соба (Фото: Фондација за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“)

Со ова, како што соопштија од Општина Центар, наставниот и стручниот кадар имаат на располагање низа алатки за работа со учениците од ова училиште, особено со учениците со интелектуална попреченост, со комбинирани пречки, учениците од аутистичниот спактар, со АДХД.

Инвестирањето во раниот детски развој е најисплатливо во развојот на човечкиот капитал. За нас, децата се приоритет број еден и токму затоа Општина Центар веќе години претставува позитивен пример за поддршка на младите во целата држава, изјави денеска Герасимовски на отворањето на сензорната соба.

Според директорката на училиштето, Катерина Атанасова, важноста од една ваква интервенција е огромна за училиштето, особено имајќи на ум дека во „Ј. Х. Песталоци” учат 21 ученик со попреченост.

Од денес со гордост може да кажеме дека нашето училиште е поинклузивно и овозможува високо-квалитетно образование и можност на секое дете да ги оствари своите потенцијали. Се радуваме што во пресрет на Меѓународниот ден на лицата со попреченост можеме да го споделиме овој исчекор кон обезбедување на еднакви услови за развој и учење на сите ученици и сите заедно уште еднаш да пратиме порака за еднакво општество за сите, истакна директорката

Опремувањето на оваа сензорна соба е дел од проектот „Биди ИН, биди Инклузивен, биди ИНклудиран” кој го спроведува Фондацијата „Чекор по чекор”, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак”, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука и Општина Центар упатува искрена благодарност до сите нив.

Општина Центар верува дека алатките во сензорната соба ќе придонесат кон полесно совладувањето на наставниот материјал и зголемување на мотивацијата децата повеќе да учат и да истражуваат, а истовремено ќе им помогнат на учениците да го намалат стресот и да ја зголемат својата концентрација. Општина Центар ќе продолжи да гради вакви соработки кои носат бенефит како за помладите така и за повозрасните граѓани во општината, соопштија општинските власти.

Back to top button
Close