Пет децении творештво на тетовскиот ликовен уметник Александар В. Настески

Со изложба на своите дела тетовскиот ликовен уметник Александар В. Настески одбележува 50 години ликовно творештво. На оваа изложба љубителите на сликарската уметност во Тетово ќе имаат прилика да ги видат делата кои авторот ги дели на четири циклуси.

Во првиот ја истакнува приврзаноста кон Тетово, а во вториот продолжува со митологија, историја и еротика.

– Првиот опус му го посветив на мојот град Тетово сликајќи ги неговите питорескни улици, маала, Два бреста, Колтук, тетовските свадби и капии како и пејзажи од величествената Шара. Вториот циклус го почнав со минијатури, кои всушност беа слики од мал формат со теми од митологијата, историјата и еротиката, кои подоцна прераснаа во големи формати и со кои слики учествував на две изложби во Париз и во Кањ сур мер во Франција. Сликите беа со наслови: Голимите Дионизии, Салома, Небо и земја и беа исполнети со брановидна вибрациска сила и со големи контрасти, објаснува уметникот.

Следува циклус со слики кои ги создава и со примеса на културолошки и психолошки аспекти.

-Тоа се слики со ангажирана примеса и со историски, култоролошки и психолошки содржини, со експресивно обликувани ликови и форми и со голема динамичност во композицијата. Тие слики го прикажуваа нашиов суров, неправеден и тегобен свет, крикот на Природата, Човекот и Животот исполнет со војни, болести, пандемии, глад, сиромаштија, уништувања, загадувања на Земјава, но и со моето непомирување со таквата стварност, вели сликарот.

Со четвртиот циклус творештво започнува околу 2016 година.

-Тогаш се запознав со античките митови за постанокот на светот како и со античкото македонско сликарство од кралските гробници во Пела и Кутлеш, кое нешто ми остави длабок впечаток и постана моја инспирација во моите најнови слики-циклус кој го нареков Македонија-Ера на кладенките-Менадите.Во исто време ги пронајдов и неверојатните праисториски гравири со една голема Ѕвезда и поголем број помали ѕвезди околу неа- вистинско ѕвездено небо, а лево и десно по една купoла како симболи за Сонцето и Месечината. Овие гравири ни кажуваат дека нашите предци од преисторијата биле загледани во небото и со стравопочит го следеле тој непрекинат дено-ноќен спектакл и се обраќале кон небото со надеж дека секогаш ќе бидат тука Ѕвездите, Сонцето и Месечината од кои добивале светлина и топлина неопходна за нивниот опстанок, нагласува авторот.

Изложбата со која ќе го одбелеи јубилејот ќе биде отворена во Уметничката Галерија во Тетово на 20-ти октомври (среда) во 18 часот. Досега реализирал 33 самостојни изложби во земјата и странство.

– Мојата прва самостојна изложба ја имав во оваа галерија во далечната 1971 година, две години по завршувањето на Педагошката академија во Скопје и со парите од тие слики заминав во Париз да го видам центарот на светската уметност и нешто да научам. Потоа потрошив уште 5 години на Академијата во Белград уште малку да доучам. А потоа се редеа изложбите во земјава и во странство, но се редеа и годините, и така лека полека стигнав до мојот јубилеј 50 години ликовно творештво, и пак со изложба во оваа галерија. Важно ми беше да сликам,годините да ги исполнам со творештво, а во тоа најповеќе ми помогнаа моите сграѓани за што сум им многу благодарен, вели уметникот.

Александар В. Настески е роден 1948, а Педагошка академија завршил во Скопје во 1968 година, додека Академија за применета уметност во Белград (Р.Србија) во 1977 година. Член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија од 1977 како и на Здружение на ликовни уметници од Тетово, а учествува на заедничките изложби на двете друштва.

Во странство учествувал на меѓународни изложби во Париз, Кањ сур мер во Франција и во Капо ди Понте во Италија. Учествувал на Меѓународниот Симпозиум за карпеста уметност Валкамоника во Капо ди Понте- Италија во 2011 год. со свој труд и своја изложба а во 2013 со свој труд, додека во 2018 год. е учесник на Конгресот на Интернационална Федерација за Карпеста Уметност со свој труд.

Back to top button
Close