Пет години по 27-ми април – исти прашања и поделби

Поминаа пет години од упадот на 27-ми април 2017 година во храмот на демократијата, одбележан со насилство, со луѓе во фантомки кои спроведуваат „ред“ во законодавниот дом, со раскрвавени глави на пратеници и искршен инвентар – кошмарни слики кои го обиколија светот. Пет години по т.н. „крвав четврток“ и судските пресуди за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, не стивнуваат критиките дека тој настан не е акт на теоризам.

 

На протест во 12 часот пред затворот во Прилеп и во 16 часот пред затворот во Штип, со пораки „Патриотизмот не е тероризам“ и „Слобода за Уставобранителите“, повика Унијата на ветерани на ВМРО-ДПМНЕ и партискиот Патриотски институт „Гоце Делчев“, кои вчера објавија и „Декларација за правда и слобода за политичките осуденици во Македонија“.

„Констатирајќи ги јавно познатите политички обвиненија и лажни сведочења за настаните од 27-ми април 2017 година на кои се темелат драконски и неправедни судски пресуди, изјавуваме дека борбата за правда и слобода за неправедно осудените ќе продолжи сѐ до исправање на нанесените неправди“, се вели во Декларацијата што вчера ја презентираше претседателот на Патриотскиот институт, Александар Пандов.


Oд упадот на 27-ми април 2017 година во парламентот поминаа пет години

Во неа се осудува физичкото насилство извршено од неорганизирани поединци, но не како акт на „тероризам“, бидејќи според донесувачите на Декларацијата, такво нешто објективно и фактички немало, за разлика од судско обвинителскиот терор со злоупотреба на моќ и монтирани процеси.

„Осудените во овие политички процеси се жигосани без докази за делото за кое се осудени, со цел да се сее страв меѓу граѓаните и да се остваруваат политички цели, а не правда и правдина. Потсетуваме дека луѓето кои физички го овозможија влезот во Собранието на 27-ми април 2017-та година се на слобода истргувана на познат начин, а креаторите на пеколни планови се далеку од познати“, се вели во Декларацијата.

Споредба со упадот во Конгресот

Критиките за истргуваната слобода се однесуваат на настаните што уследија по Законот за амнестија за дел од учесниците во тие настани, кој беше донесен во декември 2018 година и со него беа амнестирани 15 обвинети, меѓу кои пет пратеници од опозициската коалиција. Законот за амнестија беше донесен пред прогласувањето на уставните измени што произлегоа од Преспанскиот договор, па гласот за овие измени од страна на некои амнестирани пратеници, ги вжешти критиките за макијавелистички мотиви на власта и политичка инструментализација на правдата.

Критиките и споредбите се засилија по ланскиот насилен упад во зградата на Конгресот, со цел да се спречи верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД. Во тој контекст, обвинителката Вилма Русковска во завршните зборови во судскиот процес за организацијата на настаните од 27-ми април, рече дека не може да се прави паралела со настаните од јануари 2021 од Конгресот на САД.


Насилен упад во зградата на Конгресот, со цел да се спречи верификација на победата на Џо Бајден на претседателските избори во САД (6.01.2022)

„Пред влегувањето на масата народ, внатре сите конгресмени и вработени во Конгресот беа евакуирани, дури и потпретседателот на САД, републиканецот Мајк Пенс, веднаш јасно соопшти дека е против Трамп и застана во одбрана на Уставот, за разлика од Вељаноски, чија единствена грижа беше неговиот кабинет и неговото столче“, рече Русковска.

„Полицијата не дозволи да биде нападнат ниту еден член на Конгресот, огромно мнозинство на Републиканската партија се спротивстави на насилството“, коментираше лани Радмила Шекеринска.

За правична одлука

Во македонското Собрание полицијата не успеа да го спречи упадот. Судскиот процес за 27-ми започна на 22 август 2018 година, првично против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“, а највисока казна му беше изречена на тогашниот директор на БЈБ, Митко Чавков, кому Апелациониот суд му ја преиначи казната од 18 на 16 години затвор.

Во Декларацијата на Унијата на ветерани и на Патриотскиот институт на на ВМРО-ДПМНЕ сега се повикуваат „последните инстанци во Македонија кои може да донесат правична одлука, да го следат правото и да ги поништат осудителните одлуки на судовите во прв и втор степен, базирани на политички обвинителен акт и врз лажни искази и сведочења, без никакви суштински и вистински докази за непостоечкиот тероризам“.

Во македонското Собрание полицијата не успеа да го спречи упадот

Декларацијата ќе биде доставена до претседателот на државата, премиерот, претседателот на Собранието и претставници на меѓународната заедница.

„Општеството има потреба од помирување и објективно согледување на настаните. Македонија мора реално да расчисти со случувањата на 27-ми април 2017 за никогаш да не ѝ се повторат. Истото е можно единствено преку спроведување на вистинска правда, а не политички нарачки кај обвинителите и судиите кои и слугуваат на власта, а не на граѓаните и интересите на државата“, се наведува во образложението на Декларацијата.

Има разлика

Можно ли е помирување? Јавноста и натаму е длабоко поделена по прашањето дали учесниците во тоа насилство или дел од нив може да се нарекуваат уставобранители. Повеќе соговорници веќе и не сакаат да ги коментираат овие прашања, дел со образложение дека „сѐ е веќе кажано“, други дека „ако постојано се релативизираат нештата, тоа е сигурен пат истото да се повтори“, трети со оценка дека „вина има, но можеби казните се превисоки“.

Минатата година се одржа протест „Слобода за уставобранителите“, организиран од македонски организации од Европа, Канада, САД и Австралија.

„Уставобранители секако не беа тепачите кои го влечкаа полумртвото тело на пратеникот Зијадин Села низ коридорите на Собранието, ниту оние кои им ги кршеа главите на шефот на тогашната опозиција и оние околу него. Можат ли партиите да се согласат дека демократијата значи броење, а не кршење глави?“, коментираше тогаш за ДВ професорот Денко Малески.

Зијадин Села, кој на 27-ми април беше најтешко повреден, тој протест го нарече скандал. 

Back to top button
Close