Пет лица загинаа во 2009 година во подметнат пожар во Јапонија – денеска го погубија сторителот

Јапонија погуби маж осуден за убиство на пет лица во напад со подметнат пожар во 2009 година. Ова е прво погубување во земјата по повеќе од една година, пренесува BBC News.

Сунао Такајами (58) беше осуден откако во 2009 година истурил бензин и подметнал пожар во сала за „пачинко“ во Осака, недалеку од неговиот дом. Во пожарот животот го загубија четворица посетители и еден вработен.

„Пачинко“ игрите се популарни игри на среќа во Јапонија.

Судскиот совет, составен од тројца судии и шест поротници, ги отфрли тврдењата на одбраната дека Такајами не бил ментално одговорен за своите постапки во времето на извршување на кривичното дело. Пресудата со смртна казна со бесење беше изречена во 2011 година.

„Налогот за погубување беше издаден по внимателно и темелно разгледување“, изјави утринава министерот за правда Хироши Хирагучи.

Ова е прво погубување извршено за време на мандатот на премиерот Такаичи. Последната смртна казна во Јапонија беше извршена во јуни минатата година врз Такахиро Шираиши, наречен „убиецот од Твитер“, кој во 2017 година убил и распарчил девет лица.

Неговите злосторства излегоа на виделина во октомври 2017 година, кога полицијата пронашла делови од тела во градот Зама, во близина на Токио, за време на потрагата по една од жртвите.

Јапонија и Соединетите Американски Држави се единствените земји од Г7 што сè уште ја спроведуваат смртната казна, која, според анкетите, ужива силна поддршка од јавноста во Јапонија.

Back to top button
Close