Пет партии стануваат една и тоа им ги расипува сметките на оние што мислеа дека нема да се обединиме, велат од ВЛЕН

Коалицијата ВЛЕН најавува дека на 9 мај пет политички субјекти во нејзин состав ќе се обединат во една партија.
„На 9 мај, на Денот на Европа, ВЛЕН го одржува Конгресот на обединувањето како зрел политички процес и од него ќе излезе како единствена сила, со едно име, насока и мисија. Пет политички субјекти стануваат едно тело, сила која во својата суштина ги има владеењето на правото, нулта толеранција кон корупцијата, независно судство, европскиот пат, партнерството со НАТО и заштитата на семејството, традицијата, културата и идентитетот“, велат оттаму.
Најавуваат присуство на 850 делегати на конгресот и тврдат дека по 9 мај, ВЛЕН ќе биде уште посилна, распространета од Липково до Струга.
„Оние што се навикнати да опстојуваат од поделби, денес не се мирни. Пет партии стануваат една и тоа им ги расипува сметките на сите што живееле со надеж дека ВЛЕН нема да се обедини. Еве дојде денот кога обединувањето станува факт, а манипулацијата невозможна. Деветти мај се приближува и со него доаѓа силен, голем ВЛЕН, распространета од Липково до Струга“, се вели во најавата.
Претходно, на брифинг со новинари, од ВЛЕН посочија дека копретседатели на новата партија ќе бидат Изет Меџити и Билал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали.
Извор: 360stepeni.mk






