Пет работи што веројатно не ги знаете за познатиот затвор Алкатраз
Американскиот претседател Доналд Трамп во објава на социјалните мрежи во неделата го најави отворањето на „Алкатраз“, озлогласен поранешен затвор, кој ќе служи како место за „најсуровите и најнасилни криминалци во Америка“.
– Му наложувам на Бирото за затвори, заедно со Министерството за правда, ФБИ и секретарот за внатрешна безбедност, повторно да го отвори значително проширениот и реновиран „Алкатраз“ за да се сместат најсуровите и најнасилни криминалци во Америка – кажа Трамп.
Реактуелизирањето на Алкатраз нè наведе малку да истражиме и да споделиме неколку податоци што можеби не ги знаете за познатиот затвор
На овој остров е изграден првиот светилник на западниот брег на Соединетите Американски Држави (САД) во средината на 19 век за да им помогне на бродовите во водите на Тихиот Океан.
Исто така, имало одбранбена тврдина која имала стотици топови подготвени да ја заштитат Калифорнија од каков било поморски напад.
Во исто време, бил и природно живеалиште за пеликани, по што и бил именуван.
Сепак, Алкатраз станал особено познат, кога оваа карпа, што се извишува над заливот Сан Франциско во северна Калифорнија, служела како федерален затвор со максимална безбедност и бил принуден дом за некои од најопасните гангстери во Америка.
Во периодот од 1934 до 1963 година, криминалците кои се сметале за премногу опасни за другите казнени установи кои се наоѓале на копно биле префрлени во затворот познат и како „Карпата“ (The Rock).
Најпознатото бегство од овој затвор се случило во 1962 година, кога тројца затвореници исчезнале без трага и никогаш повеќе не се слушнало ништо за нив.
Сепак, легендата за неговите ќелии продолжува да живее преку усмените преданија и холивудските филмови.
Модел за другите затвори?
Првиот одбранбен објект на Алкатраз, карпест остров во Северниот Тихи Океан, бил изграден околу 1850 година и се користел како воен затвор.
Властите во тоа време сметале дека географската изолација е доволна пречка за каков било обид за бегство, со оглед на силните морски струи и ниската температура на водата.
До 1912 година, на островот бил изграден најголемиот армирано-бетонски објект во светот.
Меѓутоа, Алкатраз дури во 1933 година станал познат како посебна казнена институција, која Федералното биро за затвори ја нарекло „затвор над сите затвори“.
Тоа значи дека во него биле сместени осуденици кои биле по недисциплинирани и девијантни за другите казнени институции во САД.
Затворот служел и како тест модел за таканаречениот „1 на 3“ безбедносен систем, што подразбира еден чувар на секои тројца затвореници.
Овој систем подоцна беше воведен и во други федерални затвори во САД.
Првиот управник на Алкатраз бил Џејмс Џонстон, кој го гледал затворот исклучиво како место за спроведување строга дисциплина, а не како институција за рехабилитација и социјална реинтеграција на затворениците.
Сместувал само по еден затвореник во ќелиите, верувајќи дека тоа ќе спречи организирање на какви било заговори или бегства.
Најлошото правило, според сведочењето на самите затвореници, било целосно молчење: разговорот бил дозволен само за време на викендот.
Оние кои би ги прекршиле правилата завршувале во „дупката“. Подземна просторија каде што понекогаш останувале по неколку недели во целосна изолација.
Мал број, но добро познати затвореници
Според Федералното биро за затвори, бројот на затвореници во Алкатраз никогаш не го надминал максималниот капацитет на објектот.
Во просек, во него биле сместени помеѓу 260 и 275 осуденици, што претставувало само околу еден процент од вкупниот број затвореници во земјата.
Иако бројот на затвореници бил мал, тие биле претежно добро познати, а за време на Големата депресија имало многумина зад решетките на Алкатраз кои биле вклучени во организиран криминал.
Најпознат меѓу нив несомнено беше Алфонс Ал Капоне, мафијаш и шверцер, водач на озлогласена криминална организација со седиште во Чикаго.
Ал Капоне бил префрлен во Алкатраз бидејќи, според властите во тоа време, продолжил да ги управува своите криминални активности додека ја отслужувал казната во Атланта. Тој поминал малку повеќе од четири години во Карпата, кога му бил дијагностициран сифилис и бил префрлен во друга институција.
Друг познат криминалец кој бил познат надвор од затворските ѕидови бил Роберт Страуд, осуден за убиство.
Тој го добил прекарот „Набљудувач на птици од Алкатраз“ поради неговата фасцинација со птиците.
За време на претходната казна во Канзас, Страуд имал неколку птици, но бидејќи домашните миленици не биле дозволени во Алкатраз, тој морал да ја задоволи својата страст кон птиците само со читање книги.
Алвин Карпович, познат по прекарот „Морничавиот Карпис“ (Creepy Karpis), бил „Непријател на државата број 1“ на списокот на Федералното истражно биро (FBI) во 1930-тите, а воедно и затвореникот кој бил држен најдолго во Алкатраз. Во оваа казнена установа тој поминал 25 години и еден месец.
Гангстерот Џорџ Кели Барнс, познат како Митралез, како и Рафаел Кансел Миранда, член на Порториканската националистичка партија, одговорен за вооружениот напад врз зградата на американскиот Конгрес во Вашингтон во 1950-тите, исто така, поминале низ затворските ќелии на Алкатраз.
Обиди за бегство
Алкатраз бил дизајниран како неосвоива тврдина.
Електричните огради, бодликавата жица и кулите со вооружени чувари го направиле еден од најдобро чуваните затвори во земјата. Но, тоа не ги спречило десетици затвореници да се обидат да избегаат.
Според официјалните податоци, имало 14 обиди за бегство за време на скоро три децении, во кои учествувале вкупно 36 лица. Според евиденцијата на Федералното биро за затвори, 23 бегалци биле фатени, шест биле убиени за време на бегството, а двајца се удавиле.
Сепак, петмината никогаш не се пронајдени и властите ги сметаат за „исчезнати“, иако некои веруваат дека можеби успеале да избегаат.
Првиот обид за бегство е забележан во 1936 година, две години откако Алкатраз бил отворен како федерален затвор.
Додека пак, затвореник по име Џо Бауерс се обидел да избега преку затворскиот ѕид, но бил застрелан од стражарите додека продолжил да се качува.
Подоцна, со тек на времето, следеле и посложени обиди за бегство.
Еден од тие случаи е Џон Џајлс кој бил на еден чекор од слобода во 1945 година.
Со помош на украдена воена униформа и фалсификувани документи, тој успеал да се качи на воен брод и да стигне до копното, но властите забележале дека неговата униформа е различна од другите и веднаш го уапсиле.
Една година подоцна пак, се случува најнасилниот обид за бегство во историјата на затворот, познат како „Битката кај Алкатраз“.
Шест затвореници се нашле со огнено оружје, убиле двајца чувари и раниле уште 18, но не успеале да избегаат.
Последните два обиди за бегство се случуваат во 1962 година и ја запечатија судбината на Алкатраз како затвор.
Прво, затворениците Френк Морис и браќата Кларенс и Џон Англин исчезнуваат без трага, а единствениот доказ за нивното бегство се нивните личните предмети пронајдени на блискиот остров Анџелоу.
Во официјалните извештаи е забележано дека тие „веројатно се удавиле“.
Џон Скот и Дарл Паркер потоа успеале да избегаат низ кујната во подрумот, но биле пресретнати во водите околу островот.
Холивудски филмови
Идејата на јавноста за Алкатраз во голема мера е обликувана од холивудските филмови, кои не секогаш се потпираат верно на историски факти и сведоштва.
„Алкатраз не беше американскиот „затвор со духови“ како што е прикажан во многу книги и филмови. Всушност, многу затвореници сметаа дека условите за живот, како што е самица, се подобри отколку во другите федерални затвори“, рече портпаролот на Федералното биро за затвори.
Еден од најпознатите филмови „Бегство од Алкатраз“ од 1979 година, во кој глуми Клинт Иствуд, го прикажува бегството на Френк Морис и браќата Англин. Филмот сугерира дека тие успеале да стигнат до копното, иако досега нема конкретни докази што го потврдуваат ова.
Исто така, Роберт Страуд, познат како „набљудувачот на птици“, стана уште попознат благодарение на неговата биографија, која подоцна е преведена во филмот „Човек-птица од Алкатраз“ (Birdman of Alcatraz) од 1962 година, во кој го неговиот лик е толкуван од Берт Ланкастер.
Филмот „Убиство во првото продолжение“ го прикажува Хенри Теодор Јанг како осамен сирак кој завршува во затвор поради ситни прекршоци, иако според изворите извршил повеќекратни злосторства, а подоцна го убил и својот социклан.
Неодамна, за Алкатраз е снимен филм во 1996 година, „Карпата“, во кој глумат Николас Кејџ и Шон Конери, што истовремено инспирираше видео игра со истото име, а ТВ серијата „Алкатраз“ беше снимена во 2012 година, но беше откажана по само една сезона.
Зошто е затворен Алкатраз?
Покрај обидите за бегство, високите трошоци за одржување и обезбедување на затворот доведоа до официјално затворање на Алкатраз во 1963 година.
Министерството за правда на САД процени дека се потребни околу пет милиони долари за обнова на објектот, кој е оштетен од сол и влага, и дека дневните трошоци по затвореник изнесуваат речиси 10 долари, што е значително повисоко отколку во другите затвори во земјата.
Сепак, по затворањето на Алкатраз, островот не останал долго напуштен.
Група домородни активисти, собрани под името „Домородци од сите племиња“, го окупираа Алкатраз со цел таму да основаат училиште и културен центар.
Тие се повикаа на историски права, наведувајќи дека во 19 век поглаварите кои се спротивставувале на американските власти биле затворани на овој остров.
Сепак, нивниот проект се соочил со бројни проблеми, пред сè високите трошоци за транспорт на материјали и храна до островот, внатрешни конфликти, како и голем пожар што уништил поголем дел од зградата.
Поради сето тоа, тогашниот американски претседател Ричард Никсон нареди островот да биде евакуиран во 1971 година.
Денес, Алкатраз е една од најпосетуваните туристички атракции во Сан Франциско, која ја посетуваат околу 1,3 милиони луѓе годишно.
Тоа е исто така почеток на годишниот триатлон „Бегство од Алкатраз“, во кој стотици спортисти докажуваат дека, со соодветна физичка подготвеност и опрема, е можно да се избега од познатата Карпа и безбедно да се исплива до копното.
Извор: bbc.com
Превод: Мила Макаровска