Пет скриени симболи во сликите на Вермер

Овој месец, во Rijksmuseum во Амстердам се отвора најголемата досега ретроспектива на Јоханес Вермер, обединувајќи 28 од 37-те постоечки слики на уметникот. Тоа е обмислена, внимателно курирана и стилска изложба каква што сведочиме еднаш во животот. Она што прво се забележува на изложбата е неверојатно реалистичната сликарска техника на Вермер, особено неговата вештина во прикажувањето на светлината. Начинот на кој им дава облик и волумен на предметите и како различните варијанти на сончева светлина, филтрирани низ прозорските стакла и сокриени зад облаците, ги менуваат боите на предметите и прават текстилот да светка.


Но, уметноста на Вермер е како езеро покриено со мраз, каде што скриениот живот демне под лажно студената и кристална површина. Зад прекрасно конструираната визуелна реалност на уметникот тлее друга димензија: невидлива реалност на идеи изговорени на јазикот на симболите. „За Вермер, симболиката била пресудна“, вели за BBC Culture Питер Рулофс, еден од кокураторите на изложбата. Еден од интересите на кураторите е како симболите функционирале во уметноста на Вермер кога сакал да пренесе религиозни идеи.
Еве како пет навидум случајни предмети – завеса, грејач за нозе, ткаенина, сет на вага и стаклена топка – ги изложуваат подлабоките значења на сликите на Вермер.

1. Завесата во Девојка чита писмо покрај отворен прозорец (1657-1658)
Вермер имал 25 години кога ја насликал девојката што чита писмо покрај отворен прозорец. Тоа дело означува пресврт во кариерата на уметникот кога се оддалечува од религиозните сцени и се фокусира на интимните, донекаде интровертни епизоди од домашниот живот. Во центарот на ова уметничко дело е тивкиот спокој на една девојка целосно апсорбирана во читањето. Генерации љубители на уметноста се восхитуваат на извонредната изведба на деталите, но и човечкиот карактер на сликата. А сепак еден детал намерно ја разбива оваа совршена илузија.

Зелената завеса која покрива една петтина од композицијата виси на прстени од месинг. Во Холандската Република од 17 век, сликите честопати биле покривани со завеси за да ги заштитат, а Вермер се чини дека тоа го вклучил како trompe l’oeil – илузионистички трик за окото да нè искуши да ја тргнеме завесата настрана.
Исто така, потсетува на приказна – позната во историјата на уметноста напишана од Плиниј Постариот (објавена во 77 н.е.). Раскажува за двајца уметници, Зеуксис и Пархасиј, кои се напреварувале кој е подобриот сликар. Зеуксис создал мртва природа на која грозјето било толку реалистично што кога завесата била тргната, птиците долетале за да го изедат. Кога Зеуксис се обидел да ја открие сликата на Парасиј бил вчудоневиден кога открил дека нејзината завеса всушност била насликана. Завесата на Вермер е алузија на оваа позната приказна и ја симболизира вештината на уметникот и границата помеѓу илузијата и реалноста.

2. Загревачот на стапала во The Milkmaid (1658-59)
Собата е ладна и скромна, со влажни точки на ѕидот и испукано стакло. Слугинката прави една од најсоцијално ниските активности што може да се замислиме: правење пудинг од бајат леб и млеко. Сепак, грејачот за нозе во долниот десен агол генијално го преобразува значењето на сликата, што ја прави многу повеќе од документ од секојдневниот живот.

Загревачите за стапала биле дизајнирани да загреваат врел јаглен и биле ставени под здолништата на жените додека работеле дома во зимските месеци. На сликата на Вермер, греачот е поставен пред плочка обоена во сино, на која е прикажан богот на љубовта Купидон и неговата стрела на желбата. Оваа комбинација на симболи имала специфично значење за холандската публика во 17 век. Стапалата ја симболизирале страста затоа што ги разгорувале долните делови на телото. Тие често биле прикажани во комбинација со други еуфемистички предмети, како што се празни бокали, за да ја претстават сексуалната достапност на млекарките и слугинките.

Во сликата на Вермер, симболите на страста се присутни, но сè друго укажува на дистанцираноста на жената од идејата: таа го трга погледот од нас, нејзиното тело е обвиткано во тешка облеки и таа се поставува подалеку од симболите на сензуалност, а се фокусира на нејзините домашни работи.

3. Вагата на Жената која држи вага (1662-64)
Една млада жена гледа како тасовите на вага постепено се поставуваат во рамнотежа во бесшумна просторија со завеси. Предметите на масата сугерираат дека таа ја оценува вредноста на разни монети и бисери, но присуството на слика која виси директно зад неа сугерира подлабок развој на настаните.
Нејзината глава го замаглува најголемиот дел од сликата, но на горниот дел го открива Страшниот суд. На оваа слика-во-слика, Исус го прави она што го прави жената – тој мери нешто. Освен што неговата работа пресудување на душите на Судниот ден.

Вермер бил длабоко религиозен и криптирал неколку од неговите уметнички дела со симболи на духовност. Живеел во протестантската холандска република, но бил преобратен католик, па вагата можеби е алузија на неговата вера. Језуитскиот основач Свети Игнатиј од Лојола (1491-1556) советувал дека добрите католици треба да ги одмерат своите гревови наспроти нивната добрина кога се молат: „Морам да бидам како изедначените тасови на вагата, подготвен да го следам курсот за кој чувствувам дека е насочен кон слава и пофалба на Бога, нашиот Господ, и спасението на мојата душа“.
Вермер бил поврзан со Језуитите на различни начини во текот на неговиот живот: се верува дека се оженил со својата сопруга во језуитска црква во близина на неговиот роден град Делфт, па дури и на еден од неговите синови му дал име Игнатиус по основачот на Језуитите.
„Вермер бил длабоко посветен католик“, изјави Питер Рулофс за BBC Culture. „Имал најмалку седум ќерки и сликите што ги насликал функционирале и како пример за неговите сопствени деца“.

3. Текстилот на Девојката со бисерна обетка (1664-67)
Девојка со бисерна обетка изгледа како секоја друга слика – приказ на минлив, натуралистички момент. Тоа е пример за „трони“: холандски жанр на уметност што покажа неименувана фигура во интересен костим. Марамата на главата требало да ја прикаже како егзотичен или антички лик, а бисерите да ја претстават духовната чистота или земната убавина. Нејзиниот фустан е изработен од блескава ткаенина која се чини сива/сина во засенчените области и златна на директна светлина. Во времето на Вермер, претставувањето на фините материјали било од посебен интерес за колекционерите, кои ги оценувале сликарите според нивната способност да ги претстават на уметноста. Таткото на Вермер работел како трговец со ткаенини, што на Вермер му овозможило многу рано да почне да учи за убавината и значењето на скапоцената ткаенина.

Познато е дека Вермер го користел симболичниот јазик на уметноста дефиниран во книгата за алегории на Чезаре Рипа, „Иконологија“, која е преведена на холандски во 1644 година.
Во книгата на сликата еднотавно наречена Pittura моделот е прикажан во фустан во бои кои се менуваат на светлина. Моделот на Вермер пак, е украсен и со трите основни бои кои се основа на занаетот на сликарот – црвени усни и облека од жолта и сина боја. Младата жена – насликана со подотворена уста гледа директно во нас за да ја истакне својата посакуваност – се претвора како да исчезнува во темнината. Дали таа е олицетворение на самата уметност, чии совршени идеали се секогаш привлечно недостапни?

5. Стаклената сфера во Алегоријата на верата (1670-74)
Верата на Вермер е најсилно изразена во неговата доцна алегориска слика Алегоријата на верата. Главниот лик е персонификација на католицизмот, а нејзиниот изглед и гестови се повторно преземени од Иконологијата на Чезаре Рипа, овојпат од фигурата „Вера“.

Но, стаклената топка над нејзината глава ја нема во книгата на Рипа и на научниците им требале децении да откријат што таа значи тоа. Во 1975 година, историчарот на уметност Еди де Јонг го открил амблемот – претставен токму како во Алегоријата на верата, обесена со лента – во книгата со наслов Свети амблеми на верата, надежта и милосрдието од фламанскиот језуит Вилем Хесиус. Тоа е придружено со мотото: „Го опфаќа она што не може да го додржи“.
Еден краток стих во книгата објаснува дека топката е како човечкиот ум. Во неговите панорамски рефлексии, „огромниот универзум може да се прикаже во нешто мало“ – и исто така „ако верува во Бог, ништо не може да биде поголемо од тој ум“. Топката ја симболизира интеракцијата на умот со Бога.
Може да се додаде дека сите слики на Вермер, слично како оваа орбита, доловува минливи настани и идеи и ги запечатува за идните генерации. И покрај исклучителната вештина на своите слики да ја долови реалноста, Вермер додека бил жив уживал многу скромен успех. Тој создавал околу две слики годишно и не можел да живее само од сликање.
Можеби неговата уметност уште повеќе не привлекува во френетичниот 21-ви век бидејќи нуди единствено чувство на смиреност. Во сцените на Вермер, времето се чини дека замрзнува во кристалната сончева светлина, а тишината се спушта како мртва тежина. Но, жив свет на симболи пулсира под површината: постојано релевантни идеи за уметноста, желбата, материјализмот и духовноста, кои заробени од Вермер чекаат откритие.

извор: BBC culture
превод: Лени Фрчкоска

Back to top button
Close