Пет тони марихуана шверцувани од фабрика за медицински канабис од Македонија во Србија, организаторот на групата е во бегство

Обвинителството за организиран криминал во Србија објави дека петмина осомничени во случајот со петте тони марихуана пронајдени во четвртокот во село Коњух кај Крушевац го искористиле своето право на одбрана со молчење за време на рочиштето.Јавниот обвинител за организиран криминал во Србија издаде наредба за истрага на осомничените: Александар Мијајловиќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, Иван Драгниќ и Урош Младеновски, за сторено кривично дело неовластено производство и дистрибуција на наркотични дроги.
По сослушувањето на осомничените кои го искористија своето законско право и се бранат со молчење, јавниот обвинител за организиран криминал му предложи на судијата за претходна постапка на Специјалното одделение за организиран криминал на Вишиот суд во Белград, на сите лица да им се одреди притвор.
Предлогот за определување притвор беше предложен со оглед на рекордната заплена на наркотична дрога марихуана во количина од 5.002.079,18 грама. Со оглед на тоа што осомничениот Александар Мијајловиќ, кој е означен како организатор на оваа организирана криминална група, е во бегство, до судијата за претходна постапка беше поднесен предлог за издавање на потерница, вклучително и меѓународна, против овој осомничен.
Оваа организирана криминална група дејствувала на меѓународно ниво, така што од почетокот на јануари 2026 година до 29 јануари 2026 година на територијата на Република Северна Македонија се стекнала со наркотична дрога марихуана во количина од 5.002.079,18 грама. Според планот на организаторот, осомничениот Иван Драгниќ ги транспортирал наркотичните дроги преку границата до магацинот на семејството Спасојевиќ, од каде осомничениот Урош Младеновски ги подигнал за понатамошна продажба.
Особено е индикативно што осомничениот Иван Драгниќ е ко-сопственик на компанијата „АЛФАФАРМ“ во Скопјe, која е регистрирана за производство и преработка на медицински канабис, наведуваат српските медиуми.
Имајќи предвид дека дел од извршните дејствија укажуваат на меѓународен карактер на кривичното дело, особено во врска со набавката на наркотични дроги на територијата на Република Северна Македонија, понатамошниот тек на истрагата ќе ги расветли сите околности на овој кривичноправен настан, ќе ги идентификува сите учесници, како и ќе го утврди потеклото на наркотичната дрога.
Министерот за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, по пристигнувањето на местото на заплената, истакна дека ова е најголемата заплена на дрога во Србија досега.
Таа акција се смета за најголема заплена на дрога во историјата на српската полиција, претходната најголема заплена беше 1.960 килограми, додека вкупно 6,1 тони наркотици беа запленети во текот на целата минатата година.






