Петардите не ги разбудија родителите од зимски сон
Инвалидитетот на раката кај 13-годишно дете, настанат како последица на тешка повреда од петарда, не ги разбуди родителите од зимскиот сон. И по новогодишната ноќ, која наликуваше на војна со петарди, нивната употреба продолжува и понатаму. Полициските билтени се полни со информации за заплена на големи количини пиротехнички средства низ градовите во земјата, но продавачите и натаму наоѓаат разни начини да ги испорачаат. За жал, меѓу најчестите купувачи се малолетни лица.
Педагозите со години порачуваат родителите што повеќе да разговораат со децата за опасноста од употреба на тие средства. Истите не само што може да им предзвикаат тешки повреди на децата, на животните, а ја загадуваат и околината, предизвикуваат и исклучително тешки вознемирувања кај возрасни лица, кај лица што имаат проблем со поднесување на бучава и особено кај децата со аутизам.
Повреди на телото, но и на душата
Апелите да се покаже емпатија и да не се користат пиротехнички средства – не вродија со плод. А се чинеше дека нема граѓанин кој не беше длабоко трогнат од апелот на мајката на дете со аутизам, која три дена пред истекот на претходната година на социјалните мрежи апелираше родителите да одвојат време и да разговараат со децата за опасноста од петaрдите. Повод за тоа беше еден крајно срамен и неприфатлив чин.
„Еден миг се претвори во кошмар за моето дете. Петарда беше намерно фрлена во негова близина. Не беше тоа случаен настан, туку чин кој следеше со потсмев кон него поради неговата реакција, потег кој го засегна најчувствителниот дел од неговата душа. Леон, дете со аутизам, нежно дете, со својата сензитивност која го прави посебен, беше преплашен. (…) Во тој момент ги затвори ушињата и почна да плаче, солзите му течеа како река, изразувајќи страв што зборовите не можат да го опишат. Се упати со силен писок кон мене, бегајќи од местото каде што беше фрлена петардата, барајќи заштита, прибежиште, мир. Со раширени раце го прегрнав, а тој се стутка во моите гради, како да сака да се скрие од светот. Телото му беше вкочането од шокот, а силното срцебиење ја оддаваше неговата внатрешна борба меѓу стравот и надежта дека е на сигурно. Овој момент ми го скрши срцето“, раскажа неговата мајка.
Тоа и дало поголема сила да проговори за потребата од свест, разбирање и емпатија.
„Никое дете не заслужува да помине низ ваква траума. Леон не беше само исплашен од звукот на петардата, тој беше повреден од недостигот на емпатија… Затоа, ве молам драги родители, одвојте време да разговарате со вашите деца. Објаснете им дека постојат деца кои се различни, но исто така прекрасни, како Леон. Научете ги дека играта не треба да биде на сметка на туѓата болка. Научете ги дека различноста е богатство, а не причина за потсмев. Исто така, запомнете дека петардите не се само опасност за децата како Леон, туку и за вашите деца. Повредите од нив може да бидат сериозни и трајни. Но, уште посериозни се повредите што ги оставаме во душите на другите кога не покажуваме емпатија“, напиша мајката.
Заради штетните ефекти од непријатни звучни сензации, местата каде што се слави на отворено, практично се „затворени“ за повеќе категории граѓани.
„Родителите ни дозволуваат“
Како илустрација за состојбата доволно говори податокот дека само за еден месец на хируршката клиника „Свети Наум Охридски“ во Скопје со повреди од пиротехнички средства се јавиле 50-тина пациенти. Кога би се собрале податоците и од другите здравствени установи, таа бројка би значела и повеќе од аларм.
Жителка на Општина Кисела Вода згрозено раскажува дека вчера сведочела на изживување на малолетници врз улични кучиња и мачиња, но и на неодговорен однос на родител.
„Фрлаа петарди кон улични кучиња и мачки. Кога се обидов да ги запрам, се приближи еден господин и мислев дека и тој сака да ги посоветува во иста насока. Наместо тоа, тој ми се развика – која сум била јас да го ‘воспитувам’ неговото дете. Како да очекувам такви родители да имаат свест за односот кон околината и животните, кога немаат елементарна свест за последиците што ги демнат нивните деца. Вели – што е проблем ако детето фрлило неколку петарди. За тој родител тоа не е никаков проблем. Едно од децата дури и се пофали дека петардите му биле подарок од родителите. Замислете! И сите се правдаа дека родителите им дозволиле да си играат со петарди до стара нова година“, револтирано раскажува таа.
Тивок огномет
Иако имаше голем број претпразнични апели против употреба на петарди и од Зоолошката градина, од друштва за заштита на животните и други организации, свеста за тоа сѐ уште е на многу ниско ниво. Истото се однесува и за употребата на огномети. На тој план во многу земји има значајни промени – од драматично заострени казни за употреба на пиротехнички средства, до воведување „тивки огномети“ за организираните прослави на плоштадите. Со таков огномет Атина ја дочека 2025 година. Жителите на грчката престолнина имале можност да видат живописен спектакл од бои, а во исто време да не бидат изложени на екстремна бучава.
„Овие празнични моменти и онака се придружени со многу врева и песни, и затоа сакаме да не предизвикуваме вознемиреност и трауми кај домашните миленици и кај животните што живеат на улиците во градот“, порачале градски власти.
Технологијата на иновативниот производ се заснова на специјални хемиски соединенија кои до минимум го намалуваат звукот на пиротехничките средства, а ја зачувуваат јаркоста на боите.
За првпат годинава тивок огномет приредиле и кипарските градови Ларнака и Лимасол.
„Општинските власти на Лимасол соопштија дека магијата на тивкиот огномет е идеална за животната средина, за малите деца, за домашните миленици и за животните на улица“, објави Cyprus Mail.
Од истите причини тоа го направила и општината Ларнака, по барање на тамошните граѓани. Градот Острода во Полска исто така годинава се определил за тивок огномет. Во Хрватска уште минатата година над 50 општини се откажаа од традиционалните огномети за да се покаже емпатија и кон засегнати категории граѓани и кон животните.(dw)