Петков: Бугарија има три јасни барања за С Македонија, работиме заедно за тоа дали Европа може да биде гарант

Бугарија има три јасни барања за да може да има напредок на темата со Северна Македонија, порача бугарскиот премиер Кирил Петков на заедничка прес-конференција утрово во Софија заедно со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.

Осврнувајќи се на обвинувања од партијата Има таков народ, која вчера излезе од владата, дека Петков води посебна надворешна политика и сака да го тргне ветото, бугарскиот премиер рече дека ова што го слуша последниве денови се лажни наводи.

„Од утрово и последните денови слушам лажни наводи дека бугарската влада имала две надворешни политики и што уште не. Сакам да разјаснам дека Бугарија има три јасни барања за напредок на темата Северна Македонија“ рече Петков.

Првото, рече тој, е почитување на рамковната позиција на Бугарија усвоена во парламентот. Второто е вклучување на Бугарите во Уставот за да може да се заштитат нивните права, а третото барање, вели премиерот, е спроведување на Договорот за добрососедство.

„Ова беа нашите дискусии и порано и сега, и работиме заедно за да видиме дали ЕУ може да биде гарант на овие три услови“ рече Петков.

Вархеји, пак, порача дека само една земја ги кочи преговорите, а тоа е Бугарија и без нејзина согласност не може да се продолжи понатаму.

Не можеме да го продолжиме процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ без тоа да го одобрат сите земји членки. Сè уште чекам поддршка од една земја, а тоа е Бугарија и на тоа работиме со сите овие средби и разговори што ви водев овде и во Скопје“ изјави еврокомесарот.

Back to top button
Close