Петков: Да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Северна Македонија да преговара со ЕУ

 Бугарската Влада соопшти дека премиерот Кирил Петков на 18 јануари ќе ја посети Република Северна Македонија, а повод за посетата, наведе, е 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.

Петков ќе биде придружуван од министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, како и од министерот за транспорт и врски, Николај Сабев.

Утрово и македонското МНР информираше дека висока делегација од Република Бугарија предводена од премиерот Петков на 18 јануари ќе ја посети земјава.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на соопштението од бугарската Влада, посетата ќе означи нов почеток во развојот на билатералните односи меѓу Бугарија и Република Северна Македонија и ќе ги претстави следните чекори што двете влади ќе ги преземат за решавање на отворените билатерални прашања.

-Треба да го промениме нашето разбирање за тоа што значи Република Северна Македонија да преговара со ЕУ и да биде дел од неа во иднина. Ајде да зборуваме за сите придобивки што ќе ги имаме ние и Република Северна Македонија од овој процес, се цитира во соопштението изјавата на премиерот Петков.

Според македонското МНР, посетата е планирано да се реализира веднаш по стапувањето во функција на новата Влада на Република Северна Македонија.

-Со тоа, двете држави сведочат за важноста која ја придаваат на меѓусебните односи и соработка. На средбите се очекува да се реафирмираат досегашните резултати и постигнат напредок, како и да се воспостави дополнителна интензивна комуникација во насока на надминување на разликите за важни билатерални прашања меѓу двете земји, наведува МНР.

Back to top button
Close