Петков: Ветото за Македонија ќе биде кренато кога ќе се исполнат условите и ќе одобри Народното собрание

Најдоброто за Бугарија е да биде опкружена со стабилни соседи кои се дел од европското семејство. За Албанија и Македонија има место во ЕУ. За да може Бугарија да го подигне ветото за Северна Македонија, прво треба да бидат исполнети сите услови и да се дадат гаранции за исполнување на Договорот за добрососедство. Секој чекор во таа насока ќе биде однесен пред Народното собрание.

 

 

Ова е коментарот на бугарскиот премиер Кирил Петков, соопштиле од неговата прес-служба, а пренесе бугарскиот медиум 24часа. Повод е интервјуто на Петков за романска телевизија во кое тој вели дека ќе се радува Македонија и Албанија да станат членки на ЕУ. Интервјуто, пишува 24часа, е погрешно преведено и од него не може да се извлече заклучок дека Бугарија ќе го крене ветото пред јуни, како што се надеваат во Скопје. Медиумот наведува и дека за време на посетата на Петков на САД се појавија бројни шпекулации дека во Вашинготон се договарало за тргање на ветото за евроинтеграцијата на Македонија во ЕУ.

 

Премиерот Петков даде интервју за романската телевизија „Диги 24“ во кој го доби следното прашање:

 

„Вашата влада направи чекор напред во ситуацијата со Северна Македонија, бидејќи Бугарија две години ја блокираше оваа земја за почеток на преговорите со ЕУ и вие направивте компромис со владата во Скопје. Дали овој компромис е долгорочен или нешто може да се промени ако исчезне вашата влада?

Неговиот одговор гласеше:

„Не можам да бидам одговорен за ништо ако мојата влада исчезне. Ако мојата влада опстане, а на тоа работам секојдневно, решени сме дека ЕУ-иднината на Северна Македонија и на Албанија е таму, треба да биде таму. Тоа е добро за регионот. Секако, има работи кои сè уште треба да се направат и треба да работиме напорно за да го постигнеме. Ги знаеме пречките и проблемите што треба да се решат, сега само треба да се решат. Освен за тоа, јас не можам да бидам одговорен за друго во иднина.“

Back to top button
Close