Петков во Скопје: Првите темели за побрза комуникација – во воздух!

Зошто да чекаме? За авиолинија Софија-Скопје да се договориме, што се вели, уште утре, порача бугарскиот премиер пред денешната посета на Скопје.

    

 

Средба што реално ќе ги динамизира односите меѓу Бугарија и Северна Македонија или средба која ќе заврши како сите претходни? Одговорот на ова прашање поврзано со денешната прва официјална средба на новиот бугарски и новиот македонски премиер, Кирил Петков и Димитар Ковачевски, ќе биде познат по неколкумесечна временска дистанца, кога ќе се види дали има резултати од формулата со која од денеска ќе се бара надминување на спорните прашања меѓу двете земји. Петков пристигнува во Скопје со предлог – патот до решение да се бара низ календар на утврдени активности на пет работни групи (економија, инфраструктура, евроинтеграции, култура и историски прашања) со цел комуникацијата меѓу двете земји да премине од зборови – на конкретни дела.

Тој доаѓа во Скопје една недела откако официјална Софија потврди дека нејзината позиција кон РСМ останува непроменета. Но, тој се надева дека неговата идеја за меѓусекторска соработка ќе донесе нов квалитет во односите меѓу двете земји. Во интервјуа за македонски медиуми изјави дека Бугарија никогаш не го оспорувала македонскиот идентитет, а едно од отворените прашања се правата на Бугарите во Северна Македонија, но Петков во таа сфера не гледа потреба од реципроцитет.

Меѓу волја и исплатливост

За да не биде тежиштето само врз историските прашања, туку и врз четири други области, бугарскиот премиер денеска ќе се обиде да ги релаксира разговорите со ставање на инфраструктурните прашања во преден план. Тој во повеќе наврати изјави дека „не е нормално од Софија до Скопје да лета преку Виена“, и токму пред доаѓањето најави дека една од првите теми за која денеска ќе се разговара – е воведувањето на авионска линија Софија-Скопје.

„Сакам тие теми да не бидат предмет на разговор уште три недели, туку за таа авио линија да се договориме, што се вели, уште утре. Зошто да чекаме? И откако ќе го завршиме тоа, веќе сме го направиле првиот успех“, изјави тој за ТВ „Сител“.

Како се коментира оваа идеја во Бугарија? Надежно кај власта, со скепса кај опозицијата.

„Идејата за воздушна линија Софија-Скопје е наивна и не значи ништо“, коментира за „Труд“ бившиот министер за надворешни работи и заменик-претседател на опозициската ГЕРБ, Даниел Митов.

„Го решава ли таа авио-линија прашањето со отворените историски теми меѓу двете земји? Ги решава ли прашањата со правата на Бугарите во РСМ? Што ќе добијат Бугарите ако бидат запишани како државотворен народ во македонскиот Устав? Тоа е многу убаво, но ќе биде тешко, и веројатно ќе побараат реципроцитет (од РСМ -н.з.). А тоа тоа не може да се случи според нашиот Устав“, вели Митов.

Напорите за авиолинија Софија-Скопје почнаа во 2006 година, за првпат таа се реализираше во декември 2007 година, но беше прекината во 2009 година од страна на авиопревозникот. Иако не беше во прашање недостиг на политичка волја, туку исплатливоста на летовите, Петков сега е уверен дека „ќе се наполни еден лет само од работните групи од двете земји“, бидејќи очекува тие да заседаваат секој месец.

Во бугарската јавност беа направени компаративни споредби за оваа идеја, имајќи предвид колку време е потребно за еден лет: од центарот на Софија до аеродромот се патува 40 минути, чекањето за меѓународен лет е 70-80 минути и повеќе, летот до Скопје е 40 минути, излегувањето од аеродромот 30 минути и уште 20-тина минути до центарот на градот. Односно, речиси идентично со патувањето со автомобил, кое трае три и пол до четири часа, а доколку се изгради автопат би можело да трае два часа.

Лет во место

Оние 240 километри кои ги делат Скопје и Софија, со оглед на условите на патот и чекањето на граница, со години беа користени како пример за инертноста на сите владејачки елити во создавањето услови за подобра комуникација меѓу граѓаните на две земји. На планот на инфраструктурната поврзаност меѓу двете земји, состојбата засега мрдна од мртва точка само во однос на изградбата на железничката пруга. Според Хари Локвенец, директор на Јавното претпријатие железничка инфраструктура – Железници на Република Северна Македонија, во финална фаза на евалуација се понудите за првите две делници Куманово-Бељаковце-Крива Паланка во должина од 65 километри.

„Понудените цени се на ниво од 200 милиони евра. Во нив користиме грант од 68 милиони евра од WBIF (Western Balkan Investment Framework), додека останатиот дел е финансиран од ЕБРД. Предвиден рок на реализација за првата делница е 24, додека за втората е 36 месеци“, изјави тој.

Libyen - Leptis Magna alte BahnstreckeДали е во прашање само пруга или авиолинија?

Третата, најтешка и најскапа фаза (405 милиони евра) ќе биде делницата од Крива Паланка до границата со Бугарија во должина од 24 километри, на која се проектирани 24 тунели и 51 мост, што значи дека на секој километар ќе има по еден тунел и два моста. Финализирањето на целиот проект е планиран во 2027 година,

Но, по бугарското вето, впечатокот е дека не се во прашање само 240 километри пат, авио-линија или пруга, туку три децени лет во место за прашања кои ни Договорот за пријателство, добрососедство и соработка не ги затвори, а – отвори и други. За нив денеска на тет-а-тет средба ќе разговараат премиерите Ковачевски и Петков, а одделни средби ќе имаат вицепремиеротБојан Маричиќ и заменик-претседател на бугарското Собрание, Кристијан Вигенин, министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Теодора Генчовска, како и министрите за транспорт и врски, Благој Бочварски и Николај Сабев. Програмата предвидува и пленарен состанок на двете делегации со кој ќе претседаваат двајцата премиери, по што ќе следува и нивна заедничка прес-конференција. Подоцна во Клубот на пратениците тие ќе го промовираат проектот за помош во развојот „Електронски дневник за лица со дијабетес“, кој премиерот Петков ќе му го врачи на премиерот Ковачевски како донација од Република Бугарија. Петков во рамките на еднодневната посета ќе има одделни средби со претседателот на државата Стево Пендаровски и со претседателот на Собранието Талат Џафери.

извор: ДВ

Back to top button
Close