Петков за МИА: Наместо декларации и политички говори, да ги засукаме ракавите и да работиме заедно

Со еден конструктивен дијалог да одиме напред затоа што за мене добрососедството е од огромна важност за Бугарија, за Република Северна Македонија и за целиот балкански регион, вели бугарскиот премиер Кирил Петков во интервју за МИА во пресрет на неговата утрешна посета на Скопје.

– Навистина верувам дека колку повеќе работиме заедно, колку поголема поврзаност имаме, колку повеќе нашите граѓани меѓусебно комуницираат, воспоставуваат бизнис соработка, толку ќе биде подобро, истакнува Петков, додавајќи дека наместо декларации и политички говори треба да се засукаат ракавите и „да завршиме многу работа заедно“.

Бугарскиот премиер нагласува дека токму затоа веднаш по изборот на новата Влада на Димитар Ковачевски доаѓа во посета на земјава со цел да се воспостави постојана комункација и да се постигне напредок.

– Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република Северна Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно, вели Петков, потенцирајќи дека мора да се работи на сите оние прашања кои 30 години не сме успеале да ги решиме.

Тој истакнува дека не сака само да се говори што би требало да се направи, туку двете земји заедно да работат на реализација на конкретни проекти.

– Тоа со декларациите, известувањата треба да е зад нас. Од сега па натаму да ги броиме резултатите, кои ќе ги реализираме заедно, додава Петков во интервјуто.

Според него, тежината на некои проблеми зависи од контекстот во кои се поставени и ако успееме да дефинираме точно какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни.

Петков потенцира дека Балканот како регион има голем потенцијал да биде богат, имајќи ја предвид близината на европскиот пазар, плодната земја, добрите места за туризам, но сепак е на ниско ниво во Европа според економскиот развој, пред се поради корупцијата.

– Треба да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбовите на нашите народи. Затоа што има една мала група на луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. И јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји. Многу од тие исти групи се поврзани и со внатрешната корупција во земјите. И мислам дека ако ние заедно успееме да кажеме: НЕ на корупцијата, НЕ на дискриминацијата, НЕ на непочитувањето на човековите права, ДА на добрососедството, ДА на заедничките врски, ДА на заедничката економија, и ги вклопиме во тие рамки, дијалогот ќе биде многу побрз и луѓето кои не избрале на овие позиции, ќе не разберат многу подобро. Така, ако тоа успееме да го направиме заедно, мислам дека и за двете земји ќе е многу покорисно, смета Петков, додавајќи дека кога зборуваме за корупцијата не треба да чекаме некој да не спаси или да ни помогне, туку треба сами да си ја завршиме работата.

Бугарскиот премиер во интервјуто за МИА говори и за очекувањата од посетата на земјава, за притисоците врз Софија да се реши спорот, за перспективите на Бугарија за членство во Еврозоната…

Во продолжение следува интегралното интервју со бугарскиот премиер Кирил Петков.

Господине Петков, ви благодарам за првото интервју за МИА, тоа е воопшто и првото премиерско интервју за македонските медиуми. Деновиве се навршија 30 години откако Бугарија прва ја призна независноста на Република Македонија. По 30 години сега имаме една сосема друга ситуација, што се случи во меѓувреме?

– Прво сакам да кажам дека ми е големо задоволство што Бугарија беше првата земја, која ја призна Република Северна Македонија и нејзината независност, како посебна држава и да во тие 30 години јас лично би се радувал да имавме уште подобар напредок од она што го имаме, но сега работите зависат од сите нас и се надевам дека наместо да се гледа каде биле грешките во изминатите 30 години ќе почнеме со еден конструктивен дијалог за да одиме напред затоа што за мене добрососедството со Република Северна Македонија е од огромна важност за Бугарија, за Република Северна Македонија и за целиот балкански регион. Навистина верувам дека колку повеќе работиме заедно, колку поголема поврзаност имаме, колку повеќе нашите граѓани меѓусебно комуницираат, воспоставуваат бизнис соработка, толку ќе биде подобро.

Таа комуникација меѓу граѓаните, мислам дека воопшто не е спорна и таа мислам и дека не прекинала, постојано одиме во Софија, доаѓате во Скопје, нема никаков проблем, меѓутоа што ја наруши таа доверба меѓу луѓето, од каде толкав страв, зошто?

– Она што го гледам како еден проблем, кој се случувал е дека не сме соработувале доволно заедно, туку повеќе политичарите изразувале, давале од двете страни на границата некакви декларација, некакви приказни, а реално работата која сме требале да ја завршиме не сме ја завршиле. За мене не е нормално јас како премиер на Бугарија, ако сакам да ги користам комерцијалните авиолинии, да треба да летам преку Виена за да стигнам до Скопје или преку Истанбул. Тоа едноставно е одиме назад, па напред, многу понормално е да ја имаме таа авиолинија. Не е нормално да немаме железничка поврзаност, која ќе помага во придвижување на трговската размена меѓу Софија и Скопје. Не е нормално да немаме заеднички културен календар. Така што наместо декларации и политички говори, сега е време да ги засукаме ракавите и да кажеме дека треба да завршиме многу работа заедно, треба да ја завршиме со јасната идеја дека само кога ќе успееме реално да ја завршиме таа работа, ние ќе гарантираме вистинско добрососедство , кое ќе се гарантира од самите наши народи, а не толку од политичарите, кои се на власт во тој момент.

Политичарите, како што велите, го гледаат само својот сопствен профит, мене гледано од страна, од Македонија, ми беше несфатливо да речеме, бугарскиот претседателот Радев закажува Совет за безбедност, не знам дали имаше Совет за безбедност за пандемијата, за руско-украинските односи, за дистанцата, затоа што се добива впечаток дека Македонија е најсилното, кое може да ја наруши безбедноста на Бугарија, а сепак сме НАТО сојузници?

-Јас во принцип не сакам да навлегувам во коментари, јас сум сигурен дека сите ние политичарите, кои сме одговорни, вклучувајќи го и претседателот Радев во крајна смисла имаме иста цел – добрососедството. Прашање е како тоа да се постигне на најдобриот можен начин. Мојот пристап е малку поразличен. Како што гледате јас чекам Димитар Ковачевски да влезе во својата нова улога и не се занимавам со друго ниту ден пред да дојдам во посета на Република Северна Македонија и тоа што јас доаѓам во посета кај него покажува две работи. Прво таков е редот, но второ од сега натаму, дијалогот, комуникацијата, поврзаноста не треба да биде толку фрагментирана. Ние треба постојано да комуницираме, да напредуваме. Моите надежи се дека во следните месеци реално и тоа се обидувам да го договорам за време на нашата посета, кога ќе дојдам е да ги направиме тие пет работни групи – за економија, култура, инфраструктура, евроинтеграција и историја. Не сакам само политичарите да доаѓаат и да говорат, кога говорам за економија сакам да ги видиме сите наши фирми кои сакаат и имаат интерес за Република Северна Македонија, сите фирми од вашата земја, кои имаат интерес за Бугарија. На таа средба политичарите не се потребни, на таа средба се потребни луѓе, кои сакаат да работат, да прават бизнис заедно. Потоа да се сретнат нашите министри за инфраструктурата и да успееме да воспоставиме систем тие групи да се сретнуваат еднаш месечно, да успееме да направиме распоред секоја недела да се сретнува една група, ние така реално ќе направиме една програма од средби секоја недела, со што ќе напредуваме по сите тие прашања, кои 30 години јавно до овој момент не сме успеале да ги решиме.

Тоа значи дека тие групи, комисии, не би биле налик на она што се случуваше со историската комисија, па ќе застанеме некаде, па ќе стоиме, напротив, тоа ќе биде друга динамика, бидејќи македонските политичари и Ковачевски и Маричиќ најавуваат дека ова сега ќе биде нешто многу поразлично и многу подинамично?

– Многу подинамично, со реални резултати. Јас искрено сакам да видам уште на првите неколку средби да успееме да ја пуштиме авиолинијата меѓу Софија-Скопје, во смисла не сакам јас да дадам декларативна изјава дека еден ден ќе се пушти авиолинијата, сакам да се качам на авионот и да можам да летам од Софија до Скопје. Не сакам само да говориме, да декларирам дека еден ден ќе има, сакам да знам каков е проектот, колку брзо може да се случи таа линија Софија-Скопје. Да направиме точни календари тоа да се случи. Голема надеж ми даде телефонскиот разговор со Димитар Ковачевски, тој ми остави впечаток дека е многу практичен. Имавме многу добар и конструктивен разговор и тој звучеше дека треба да ја завршиме таа работа и тој човек колку што знам доаѓа од бизнисот, има доста искуство во таа сфера. Ние сакаме резултати. Тоа со декларациите, известувањата треба да е зад нас. Од сега па натаму да ги броиме резултатите, кои ќе ги реализираме заедно.

Со оглед на тоа што многу пати имало декларативни изјави, можеме, сакаме, мораме…, па малку недоверба, бидејќи таква е досега добрососедската клима, произведе тргањето на рокот. Тоа може да се гледа и позитивно, можеби да е и помалку од шест месеци, можеби да е и повеќе од шест месеци. Што значи рокот за колку можеме?

– Всушност можеме за времето за кое ќе си ја завршиме работата. Јас тоа сакам да го кажам. Значи сега ако кажам одреден рок, шест месеци, почнуваме со истата декларативност. Треба да видиме какви се прашањата, како ќе ги решаваме. Рокот зависи само единствено од подготвеноста секоја од страни да си подаде рака и заедно да ја завршиме работата. Јас тоа се надевам да го видам и сега има работи кои се многу јасни. Јас сметам дека нема човек во Република Северна Македонија или во Бугарија, кој смета дека не е добро да имаме ваква авиолинија меѓу двете држави. Тие се лесните работи, но се важни. Јас сум сигурен дека бизнисмените кога ќе се сретнат единственото нешто, кое ќе го гледаат е како нивните пазари ќе пораснат или од каде да го најдат најдобриот снабдувач. Сега има некои работи на кои треба да обрнеме малку повеќе внимание, кои се почувствителни, во врска со тоа што примарно и Констултативниот совет за безбедност го изнесе за правата на Бугарите. Тоа се теми кои се со малку поголема тежина. Ние треба да ги адресираме. Јас сметам дека еден пријателски, конструктивен пристап треба да може да ги решава и лесните и потешките теми. Но затоа најважно е да имаме доверба и таа доверба се надевам дека ќе ја изградиме и тоа со оние работи кои ги правиме заедно.

Свесни сме дека има тешки и лесни прашања, апсолутно сме согласни, но колку тие „тешки прашања“ се навистина тешки прашања, колку тие „тешки прашања“ се некаква отстапница или враќање на процесот назад, бидејќи ги имаат и лесните и тешките. Да, со компромис се рашаваат многу работи, но дали се тие само некаква форма, за да стоиме во место, или се навистина тешки прашања?

– Мислам дека со конструктивен дијалог сите тие прашања се решливи. Мислам дека немаме нерешливо прашање. Единствено што треба да направиме е таа доверба што меѓу нашите влади треба да се изгради и второто е да го протуркаме поголемиот контекст. Поголемиот контекст е колку всушност на крајот можеме да добиеме, и Република Северна Македонија и Бугарија од таа заедничка работа. Така кога ќе го вклопиме во контекстот, зошто ако зборуваме само за тешките проблеми и заборавиме на се друго, некако сите се наоструваат и сите нагласуваат: леле, каков голем проблем. Но, кога зборуваме колку заедно можеме да добиеме од едно добрососедство, тогаш сите тие проблеми кои изгледаат навидум тешки, многу тешки, всушност нивното место во заедничките односи станува помало.

Секако. Неодамна зборував со некои македонски лидери во истиов контекст и нивниот исказ беше дека има многу деструктивни сили кои што влијаат врз процесите. Се обидовме да ги дефинираме дали се тие од внатре, дали се од надвор, на која страна се… Ги блокираат едноставно процесите и ако ги додадеме коалициските капацитети и на бугарската Влада и на македонската Влада, потоа политичкиот профит кои се обидуваат сите да го добијат од овој пакет… Ќе има ли сила да одиме во насоката, која велите е:.. ајде да ги видиме убавите нешта?

– Се надевам дека всушност имаме толку многу да добиеме заедно од тоа добрососедство, што дури и одделни групи на луѓе и во двете земји, кои мислат дека тоа добрососедство не е добро за нив, политички или од некакви други причини, ако ги вклучиме во целиот контекст, се надевам дека ќе останат мал глас во зедничката идеја дека треба да работиме заедно. Има работи кои се чисти… Мислам дека и тешките прашања ако ги погледнеме на најразумниот начин, на пример, јас сум сигурен дека никој во Бугарија, никој во Република Северна Македонија, не мисли дека, на пример, дискриминацијата или јазикот на омраза е нешто убаво. Никој не може да го мисли тоа. Така, ако успееме да дефинираме точно какви се тие проблеми и од каде доаѓаат, тогаш и нивните решенија стануваат полесни. Другото е, за кое што мислам дека и двете земји го имаме како проблем, и мислам дека ќе можам да помогнам од нашето искуство од евроинтеграцијата и за Република Северна Македонија. Знаете, мојата Влада влезе со идеја за „нулта корупција“. Значи ние треба да ја исчистиме, јас верувам и во Бугарија и во Република Северна Македонија…И на цел Балкан… Да се покажува дека не е локален проблем. Ние треба да ги исчистиме сите оние кои заработуваат на грбовите на нашите народи. Затоа што има една мала група на луѓе, кои преку корупцијата заработуваат на сметка на сите останати. И јас мислам дека тие се дел од деструктивните елементи кои се поврзани и кои го поставуваат прашањето дали е добро или не е добро добрососедството меѓу двете земји. Многу од тие исти групи се поврзани и со внатрешната корупција во земјите. И мислам дека ако ние заедно успееме да кажеме: НЕ на корупцијата, НЕ на дискриминацијата, НЕ на непочитувањето на човековите права, ДА на добрососедството, ДА на заедничките врски, ДА на заедничката економија, и ги вклопиме во тие рамки, дијалогот ќе биде многу побрз и луѓето кои не избрале на овие позиции, ќе не разберат многу подобро. Така, ако тоа успееме да го направиме заедно, мислам дека и за двете земји ќе е многу покорисно.

Нешто што искрено е навреда да ви кажам, пред неколку години бев на Универзитетот Харвард и еден од професорите по економија зборуваше за Централна Америка и вика, во Централна Америка таму една од земјите има елементи на балканизација. Јас викам, што е тоа балканизација? Тој вика, тоа е економскиот термин за дисхармонизација, кога две групи, блиски земји не се координираат добро. Ме фати срам. Си викам, не е можно нашиот реон, нашиот Балкан, нашите земји, да ги даваат за пример за дискординација и тоа зборчето што го користат на Харвард да е со името на Балканот. Така, што време е да го промениме она што значи балканизација. Би се надевал, дека по некое време кога ќе се каже балканизација, ќе се зборува за смена на начинот на кои едни земји можат да почнат да работат заедно. И ако го замислиме како целина, Балканот е 65 милиони луѓе, тоа ви е една Франција. Замислете си ако имаме отворени пазари, ако работиме заедно, ако се почитуваме, има нулта дискриминација, сме ја исчистиле корупцијата… како би изгледал Балканот. Има толку многу работи и толку многу може да добиеме од една таква визија, што едноставено е време да ги засукаме ракавите и да почнеме да дејствуваме.

Во истиот контекст се оние девет милијарди евра што би требало да дојдат од ЕУ во функција на интеграција на Балканот, а не за дезинтеграција. А што би значело тоа, да речеме, тој влог, општо за Балканот?

– Мислам дека, тоа е другото, што е факт. Ние ги имаме сите претпоставки да сме богат реон, навистина богат реон. Блиску сме до најголемиот пазар на светот, европскиот пазар. Имаме доста паметни луѓе. Јас верувам дека на Балканот има многу паметни луѓе. Не случајно сме добри по математика, по физика… Имаме плодна земја на Балканот, имаме добри места за туризам, но зошто, сме на едно од најниските нивоа во Европа според економскиот развој? Токму поради две работи. Едниот проблем е што корупцијата на Балканот е нешто што е некако дозволено и се смета едноставно за дел од регионот и вториот е што не се координираме доволно на Балканот.

Дали можеби поради тоа, ако може генерално да го дефинираме балканскиот гласач, тие обично секогаш гласаат против, не за, заради тоа што се против елитата, не е битно кој друг ќе дојде, само тие да не бидат?

– И тоа е вистина. А всушност е многу интересно, гледав едно истражување, во Европската унија ги прашуваат луѓето: Колку си самокритичен и колку ги критикуваш сите други? Финска беше на прво место, каде што се најсамокритични и најмалку ги критикуваат сите други. Тука кај нас, во нашиот реон, многу повеќе ги критикуваме сите останати, а сме најмалку самокритични. Всушност за да ја направиме промената, треба секој еден од нас да почне да биде самокритичен, а потоа да ги критикува другите. Се надевам дека таквиот пристап ќе може да го искористиме и во нашите разговори и да бидеме сигурни дека секој од нас прво ја завршил својата домашна задача, пред да покаже со прст кон другиот и да каже зошто ти не го направи тоа. Така што, се надевам дека ќе имаме конструктивен дијалог и верувам дека на Балканот има многу поголем потенцијал, а уште повеќе меѓу нашите две земји.

Имаме да речеме, еве гасификација, енергетски пакети … зошто не би дошол целиот тој пакет преку Струмица од Петрич на само неколку километри?

– Да, точно така. Мислам, фактот што сега разговараме и се разбираме, без потреба од преведувач меѓу нас. Фактот што вкусовите и интересите на луѓето ни се многу заеднички. Знаете, еден од нашите пратеници е Христо Петров, кој е рапер. Тој вели „јас со мојот колега од Република Северна Македонија можеме да направиме заеднички концерт, ние многу се почитуваме“. На сите полиња, имаме предуслови за големо добрососедство. Сега на политичарите им останува да си ја завршат работата.

Како?

– И тоа ќе го направиме. Започнувајќи со работните групи, преку дијалог за главните работи со директен фокус кон реални резултати.

Има ли притисок врз Бугарија, заради тоа што има некои тврдења велат дека „Бугарија не е толку против и можеби го користи моментот, меѓутоа и некои европски земји се кријат зад проширувањето на Балканот“. Од друга страна, велат „не, Бугарија е само таа и само таа  што ги стопира тие процеси, никој друг“. Албанија, да речеме целиот тој пакат, Рама порача дека „за шест месеци ако не се реши, ние одиме сами“. Денеска имаме порака од САД дека „не ќе може тоа да оди раздвоено и дека ќе мора се тоа заедно да оди“, како и сите тие напори кои се прават, па француското претседателство со ЕУ, Макрон … целиот тој амбиент, дали ќе помогне или ќе одмогне? Дали тоа е притисок или реално е одговор на се она што се случува?

– Јас во тоа што верувам е дека на крај, не зависиме од други сили и држави кои имаат интереси, туку тоа зависи од нас. Значи, вистината е дека ние сме соседи и нашите односи зависат од нас самите. Јас лично знам, а сигурен сум и кај вас Димитар Ковачевски, не зависиме од тоа кој што кажува и секој еден од нас има сопствена одговорност да се заврши таа работа. Со други зборови, мене лично, не ми значи кој ќе се јави или ќе каже направи ова-направи тоа. За мене е важно да сме сигурно дека ги правиме правилните нешта, на правилен начин и … да, светот е глобален и има најразлични интереси, но мислам дека тоа е друго нешто на Балканот. Ние треба да си кажеме дека нашите работи зависат од нас. Не треба да обвинуваме или чекаме, или некој да не спаси, или некој да ни помогне. Доста е со тоа. Треба сами да си ја завршиме работата. Јас тоа го кажувам и за Бугарија, кога зборуваме за корупцијата. Чекаме што ќе каже Европа, ама што ни значи што ќе каже Европа, ние треба да се справиме со корупцијата за бугарскиот народ, а не зошто ќе се напише некаков извештај во Европа. Имавме еден многу интересен разговор сега. Има некои големи средства од програмата за закрепнување и разговараме со Европската Комисија, и тие ни велат „брзината со која ќе ви ги ослободуваме парите ќе биде во функција на тоа колку брзо ќе напредувате во борбата против корупцијата во Бугарија“. Јас се насмеав и кажав „видете, целиот пакет од ЕУ по тој план е десет проценти од нашата економија, јас треба да се справам со корупцијата не за тие десет проценти, јас треба да се справам за 100-те проценти“. И за вашата политика е така, верувам дека има секакви интереси, но сепак, одговорноста е наша и треба да си ја завршиме работата.

Со каква порака ќе отидете, ќе однесете некаков документ кај Ковачевски?  Во Македонија многу се шпекулира дека има некаков анекс договор, некаков договор во однос на постојниот…

– Не, не. Одам само со конструктивен тон и подготвеност да почнеме да работиме заедно. Немам подготвен документ или нешто, бидејќи сите тие документи немаат поента, ако не им дадеме вистинска мотивација дека мора да ја завршиме работата. Јас предлагам документите да ги оставиме како втор чекор, а прво да почнеме, за да има нешто за што ќе пишуваме во следниот документ. Инаку, опасноста е дека ние ќе напишеме документ и после што од тоа. Тука, задачата е да направиме програма, да ги направиме работните групи, да започнеме со дијалог, да имаме чувство на меѓусебна доверба и дека од двете страни има добри намери и да си ги поставиме целите, кои што сакаме да ги постигнеме за максимално краток период.

Еврозоната блиску е до Бугарија?

– Се надевам дека 2024 година ќе влеземе, тоа е целта што си ја постави Владата. Тоа што треба да го направиме е да искомуницираме со бугарскиот народ, да не се плаши од таа промена и да разбере што тоа значи. Бидејќи, како што гледаме, ете сега и со вакцините и за еврозоната, има групи луѓе кои ги користат стравовите на обичниот народ за да прават политички поени. Има луѓе кои велат „не, лошо е да се влезе во еврозоната“ и има луѓе кои велат „не треба да се вакцинирате“, а добро за Бугарија е и да биде дел од еврозоната и да се зголеми процентот на вакцинирани луѓе. Затоа, не може едноставно да се каже тоа е добро, туку треба да се комуницира, за луѓето да разберат и тоа е втората голема сила во нашите дијалози. Ние треба, пред се друго, да ги убедиме и двата наши народа колку е важно да имаме добрососедство, за да не дозволиме некои одделни групи луѓе да ја прават програмата за сите нас. Ако се фокусираме во рамки на добрососедството, човекови права, недискриминација, економски развој, компромис и дијалог кога зборуваме за историјата, тогаш ќе напредуваме брзо.

Не случајно го почнав интервјуто со 30 години, па да видиме сега што по 30 години  се  случува. Очигледно дека за тие 30 години и не многу што се работело, односно ништо не се сработело и токму во тој контекст ми беше прашањето. Ако сега заглавиме повторно, ете имаме комисија, па таа комисија ќе ја оценува некој друг, па потоа  ќе оценува некој трет, па дали е напредок, дали е назадување … тогаш мислам дека ќе ни требаат уште 30 години. Одглавувањето на целиот процес, почетокот на преговорите и   отворено надминување на разликите, мислам дека тоа е насоката во која што треба да движиме.

– Светот се движи многу брзо за да губиме периоди од по 30 години. Ниту Република Северна Македонија, ниту Република Бугарија може да си дозволи да загуби толку голем период. За жал, вистината е дека сме загубиле и имаме големи пропусти во последните 30 години. Не само во надворешно-политички план, туку и на внатре-политички план. Многу нешта можело да се направат подобро. Затоа, за некоја година кога ќе погледнеме назад, кога ние сме биле одговорни, да си кажеме направивме промена.

 Драган Антоновски

Видео и фото: БТА

Back to top button
Close