Петмина во трка за испразнетото место во Антикорупциска по оставката на Цвета Ристовска – има ли партиски донатори меѓу кандидатите?

Петмина кандидати влегуваат во трка за едно испразнето место во Антикорупциската комисија. За утре се закажани интервјуата во Собранието, каде со помош на претставници на невладини и народен правобранител ќе го избере идниот член на ДКСК. За местото на Цвета Ристовска која си даде оставка влегуваат, Борче Стојановски, Милка Муратовска, Владимир Клековски, Марија Катралова Китанов и Антонија Андонова Тасевски.
Дел од имињата можат да се најдат и на претходни избори за членови на ДКСК, но уште поинтересно е што некои се совпаѓаат и со имиња и презимиња на донатори на сега владеачката ВМРО-ДПМНЕ. Листите на донатори се објавени на државниот завод за ревизија, а се однесуваат за избори во 2014 и во 2017 година.
Антонија Андонова Тасевски е на листата од 2017 година и донирала 25.000 денари. Исти лични податоци има и кандидатката за член на антикорупциска која во исто време е вработена во ДКСК. И Борче Стојановски е кандидат за член на ДКСК, а во моментов е вработен во комисијата. И такво име и презиме се јавува во листата на донатори на ВМРО-ДПМНЕ, но од 2014 година. И двајцата Телма се обиде да ги добие на телефонските броеви кои ги оставиле од институцијата, но неуспешно.
Инаку сите кандидати до Собранието треба да достават изјава дека не биле донатори на партии во последните 10 години, па за Стојановски ова и не е спорно, бидејќи е поминато повеќе време. Но, тој бил кандидат за член на ДКСК и во 2023 година, па не се знае дали тогаш се проверувало дали е вистинита содржината во нотарската изјава. Неизвесно е дали ќе се преиспитува и донацијата на Андонова Тасевски.
Меѓу останатите тројца кандидати се Владимир Клековски кој е адвокат и брат на актуелниот директор на Фондот за здравствено осигурување и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. И тој конкурирал уште во 2023 година за да биде член на овој состав на антикорупциската, но бил прв од оние кои не биле избрани според бодувањето.
Останатите две кандидатки се Милка Муратовска и Марија Катралова Китанов. Муратовска е советник кај Народниот правобранител, додека Марија Катралова Китанов е раководител во Националната агенција за европски образовни програми и мобилност.
Инаку, огласот беше распишан откако поранешната антикорупционерка, Цвета Ристовска си поднесе оставка поради скандалите поврзани со неа. ДКСК, каде беше член, ѝ отвори предмети за судир на интереси, бидејќи фирма на нејзин син предизборно земала пари од партии, а и за непријавување на имот на две фирми сопственост на синовите.
Изборот на нејзина замена ќе биде со бодување, а комисијата е формирана од Маја Атанасова од Здружението на Млади правници и Јашари од Метаморфозис, Соња Трифуновска која е заменик народен правобранител и по еден пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, СДСМ и ДУИ.






