Петровска-Донфрид: САД остануваат силен поддржувач на развојот на државата и на Армијата

 

 Помошник државната секретарка на САД, Карен Донфрид, на денешната средба со министерката за одбрана, Славјанка Петровска, даде безрезервна поддршка за отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија со Европската Унија и порача дека САД остануваат силен поддржувач на развојот на државата и на Армијата.

Како што информираат од Министерството за одбрана, Петровска и Донфрид заклучиле дека Северна Македонија и САД се стратешки партнери и сојузници и дека се посветени на интензивните и блиски контакти помеѓу двете земји, а доказ за тоа, според нив, е стратешкиот дијалог кој треба да се одржи на почетокот на јуни во Вашингтон, кој претставува уште повисоко ниво на соработка.

– САД се наш искрен партнер и поддржувач од стекнувањето на независноста до денеска. Нè поддржавте во развојот и реформите во Армијата, а денеска Северна Македонија веќе е во процес на набавка на нови и софистицирани оклопни транспортери од американско производство, што е доказ за меѓусебната доверба, рече министерката, заблагодарувајќи се за американската поддршка за почеток на пристапните преговори за членство во ЕУ, за која, како што пренесуваат од министерството, рече дека е континуирана и недвосмислена.

Во контекст на состојбата во Украина, Петровска и Донфрид ја осудиле руската агресија врз оваа земја и ги повториле јасните позиции на двете земји дека е потребна итна деескалација и прекин на огнот. 

На состанокот во Министерството присуствувале и началникот на Генералштабот, генералот Васко Ѓурчиновски, амбасадорката на САД, Кејт Брнз и заменикот – помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи, Габриел Ескобар

Back to top button
Close