Петровска и Агелер на вежба со хеликоптери Black Hawk на „Криволак“

Министерката за одбрана Славјанка Петровска и амбасадорката на САД, Анџела Агелер денеска го посетија армискиот полигон „Криволак“, каде се изведе вежба со хеликоптери од типот Black Hawk на копнените сили на САД, поддржани од припадници на АРМ.

Петровска изрази задоволство што во изминатиот период полигонот „Криволак“ се користи од страна на армиите на сојузничките земји и партнери.

„Денес заедно со амбасадорката Агелер сме дел од активностите кои се составен дел на обуката за блиска воздушна поддршка со воздухопловите Black Hawk. Минатата година за само 6 месеци одржани се 10 повеќедневни вежбовни активности на сојузничките армии и на партнерите од НАТО, а нашата Армија се разбира секој месец по неколку пати во текот на месецот ги извршува своите редовни вежбовни активности, меѓутоа и обуките на нашите припадници. Ова покажува дека секоја инвестиција која што е направена во тренинг центарот Криволак е оправдана и затоа сакам особена благодарност да изразам и до нашите партнери. Сојузништвото всушност е токму и тоа, грижа и поддршка едни со други“ истакна Петровска.

Агелер подвлече дека „Криволак“ е полигон за обука од светска класа кој нуди одлични услови за извежбување.

„Денеска се хеликоптерите од типот Black Hawk минатата недела беа воздухопловите F-18. Секојдневно работиме заедно и развиваме нови начини за соработка, развој на интероперабилноста и зацврстување на безбедноста. Ние ќе продолжиме да помагаме во развојот на овој полигон со цел заеднички со сојузниците да реализираме уште повеќе вежби и обуки“, рече Агелер.

 

Back to top button
Close