Петровска: Македонците во Албанија имаат апсолутно право да се произнесат како што се чувствуваат
Тие имаат апсолутно право да се произнесат онака како што се чувствуваат односно да се произнесат како Македонци. Правото на самоопределување на секој еден граѓанин, без разлика каде и на која територија се наоѓа, е една од темелните европски вредности, изјави министерката за одбрана Славјанка Петровска прашана за коментар во врска со бугарски притисоци кон македонското малцинство во Албанија за изјаснувањето на нивната национална припадност на пописот што се спроведува во таа земја.
Петровска во одговор на новинарско прашање на прес-конференција рече дека европските вредности треба да ги почитуваат и земјите кои се во ЕУ како и останатите кои сакаат да пристапат во Унијата.
Посочи дека една од целите на европското интегрирање е со зачленувањето на државава во ЕУ, македонскиот пасош да биде европски што ќе овозможи граѓаните да не чувствуваат, како што рече, притисоци или да бидат залажувани со некои бенефиции за да се попишат различно од она што го чувствуваат.
-Една од целите што сакаме да ја постигнеме со ЕУ-интеграцијата и за која неспорно сите сме за – е кога Република Северна Македонија ќе стане членка на ЕУ, македонскиот пасош да биде европски пасош за граѓаните понатаму да не чувствуваат какви било притисоци или не бидат залажувани за одредени бенефиции, впишувајќи се како различна национална припадност од онаа што тие ја чувствуваат, истакна Петровска на прес-конференција со министерот за одбрана на Норвешка, Бјорн Арилд Грам.
Додаде и дека грижата за интересите на граѓаните на Северна Македонија или нејзини припадници, без разлика каде живеат, „се докажува со реални постапки, а не само со говори“.