Петровска од Брисел: Ги почитуваме одлуките што се носат во НАТО, Северна Македонија има стабилен раст на буџетот за одбрана

Северна Македонија има стабилен  раст на буџетот за одбрана, кој годинава достигна 1,77 проценти од бруто-домашниот производ, а до 2024 година ќе се искачи до проектираното ниво од 2 проценти од БДП, изјавила министерката за одбрана Славјанка Петровска на сесијата посветена за буџетирањето на армиите на земјите членки на НАТО, при дводневниот состанок состанок на министрите за одбрана членки на НАТО.

Истовремено, како што нагласила Петровска, државата континуирано вложува и во модернизација на вооружените сили и „имајќи предвид дека модернизацијата опфаќа над 30 проценти од буџетот за 2022 година, земјава се вбројува во групата од 24 НАТО-сојузници кои по таа основа веќе ги исполнија насоките од Самитот на Алијансата во Велс“.

Министерката посочила дека буџетот за нашата одбрана за 2022 година е двојно поголем од буџетот пред само четири години, што покажува дека земјата во целост ги почитува одлуките кои заеднички се носат во НАТО.

„Земјата на минатиот министерски состанок на НАТО ги доби своите цели на способности и веќе започна со нивна имплементација, особено имајќи предвид дека тоа е поддржано и со потребни финансиски средства. Во контекст на модернизацијата, во тек е набавката на нови оклопни транспортери од американско производство за Армијата, преку повеќегодишни договори од типот влада со влада -се вели во соопштението од Министерството за одбрана.

Министрите за одбрана, вклучувајќи ја и министерката Петровска, на оваа сесија ја потврдиле заложбата за зацврстување на колективната безбедност преку континуиран раст на одбранбените буџети на земјите членки на НАТО и одвојувањето на минимум 20 проценти од овие средства за модернизација и опремување на своите вооружени сили.

При посетата во Брисел, Петровска имала и одвоени средби со министрите за одбрана од Словенија, Бугарија, Грција и Турција, со кои биле потврдени добрите одбранбени односи помеѓу земјите и интензивната соработка во одбраната.

 

 

Back to top button
Close