Петровска: Прашањето е како во опозицијата се толкува неподдршката од Левица за Декларацијата за Украина

Mуцунски, пак, коментирајќи ја поддршката за Декларацијата, рече дека ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став и осуда на воените дејствија. За тројцата пратеници кои гласаа „против“, тој рече дека тоа е нивно демократско право

Ќе беше скандалозно ако немаше единствен став од релевантните политички субјекти за Декларацијата за осуда на воените напади на Украина, смета министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која вечерва во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ на оваа тема дебатираше со потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски.

Сепак, Петровска се осврна на тоа што двајцата пратеници од Левица, Димитар Апасиев и Борислав Крмов, како и Иван Стоилковиќ од Демократска партија на Србите во Македонија, вчера во Собранието гласаа „против“.

„СДСМ, како најголема партија во власта и коалицијата, очигледно е дека се придржува кон општите осуди на случувањата во Украина и во таа насока е и Декларацијата која вчера беше усвоена. Прашањето кое се поставува политички е како во рамки на опозициската коалиција се толкува неподдршката од страна на политичката партија која до пред неколку месеци требаше да биде клучен фактор за формирање на таканаречена нова влада. Ако се сеќавате на онаа спектакуларна фотографија“,рече Петровска.

На констатацијата дека тезата на Левица е дека изминатите години во Донбас имало многу повеќе цивилни жртви на страна на руското население, а помалку на украинската страна, Петровска праша „зошто тогаш Левица досега не предложиле Декларација за осуда на тоа однесување“. Замислете, рече министерката, какви проблеми ќе имаше сега доколку Левица беше фактор за формирање на Влада, кога пред неколку месеци со опозицијата се пофали дека „обезбедила ново мнозинство“.

„Со оглед на нивното однесување во изминатиот период како политичка партија, која за среќа не стана фактор на формирање на влада, замислете какви проблеми ќе имаше во овие околности ако таа влада тогаш евентуално беше формирана. Среќа е што не се фактор за формирање влада поради тоа што очигледно е нивното влијание и перципирање на нештата. Оваа Декларација која вчера беше усвоена од Собранието е навистина за поздравување, особено затоа што политичките партии во најголем број се приклучија“,рече Петровска.

Муцунски, пак, коментирајќи ја поддршката за Декларацијата, рече дека ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став и осуда на воените дејствија и дека ситуацијата во Украина е нешто што нив ги загрижува пред сè како граѓани, но и како носители на политички одлуки кои конзистентно застапуваат одредени ставови за заштита на надворешно-политичките интереси на земјава.

Добро е, смета тој, што имаше консензус во Собранието, а за тројцата пратеници кои гласаа „против“ рече дека тоа е нивно демократско право. Меѓутоа, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ му забележува на СДСМ што од оваа партија се искажуваат тези со кои партиите се напаѓаат меѓусебно на оваа тема.

„Ставот на ВМРО-ДПМНЕ по ова прашање веќе подолг период е конзистентен. Земајќи ги предвид и сериозните ризици со кои се соочуваме како држава од оваа криза на територијата на Украина, добро е по ова прашање да имаме консензус. Не мора секое прашање да биде прашање во кое центрите за комуникации на партиите ќе даваат одредени тези и потоа ние меѓусебно ќе се напаѓаме по тие тези. Веќе овие тези кои ги слушнав од министерката за одбрана, би рекол дека скоро истите зборови ги слушам од други претставници на СДСМ. Не сакам да навлегувам до дневна политика и ќе се воздржам од такви коментари. Јас би кажал дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ веќе подолг период е конзистентен и мислам дека нашите граѓани кога е во прашање безбедноста и стабилноста на економијата и социјалните политики низ призмата на безбедносните ризици, очекуваат од нас трезвено и одговорно однесување“,

рече Муцунски.

На коментарот дека ВМРО-ДПМНЕ оди по текна линија ако се имаат предвид ставовите на гласачкото тело на оваа партија и во однос на квалификацијата на случувањата во Украина избегнува да ја користи фразата „инвазија“ или „агресија“ од Русија кон Украина, Муцунски повтори дека тие имаат конзистентен став, а изборот на зборовите, рече тој, треба да биде внимателно направен.

„Од страна на нашата партија, на претставници на партијата, на претседателот на партијата и на другите потпретседатели постојано има конзистентен став по однос на воените дејствија што се случуваат. Дефинитивно мислам дека има апсолутен консензус дека на територијата на Украина се случува и воена агресија од страна на Русија. Изборот на зборовите во меѓународните односи секогаш треба да очекуваме дека ќе биде внимателно направен, бидејќи пред сè нашиот интерес како претставници на една суверена земја е да ги штитиме стратешките интереси на Република Македонија. Тоа е нашиот прв приоритет. Но, и низ таа призма ние имаме обврска да повикаме на почитување на меѓународното правото, да ги осудиме воените дејствија кои Русија ги прави, да ја осудиме воената агресија којашто Русија ја презема, бидејќи нема никаков сомнеж дека надворешно-политичките приоритети на Република Македонија бараат такво постапување од нашата страна“ вели Муцунски.

Back to top button
Close