Петровска: Пристигнато е ново барање од украинска страна за воена помош кое се разгледува во генералштабот

Барањето се разгледува во генералштабот на армијата, дали и во која мера можеме да одговориме. Ако добиеме позитивно мислење, се разбира, соодветно ќе ја известиме јавноста доколку Владата донесе дополнителна одлука, вели министерката за одбрана

Од украинска страна пристигнато е ново барање за дополнителна воена помош, но тоа е класифицирано од нивна страна и не може да се кажат повеќе детали, соопшти денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска, одговарајќи на новинарски прашања по завршувањето на брифингот по повод отпочнување на активности за мултинационалната вежба „Брз одговор 23“.

„Минатата недела пристигнато е ново барање, се разбира тоа е класифицирано од украинската страна се разгледува во генералштабот на армијата, дали можеме и во која мера да одговориме. Ако добиеме позитивно мислење, се разбира, соодветно ќе ја известиме јавноста доколку Владата донесе дополнителна одлука. Сега, во моментов, како што напоменав, се прави анализа, а се разбира, ние сме отворени сè додека има потреба од поддршка, Република Северна Македонија да пружи поддршка“ рече министерката.

Петровска повтори дека барањето е класифицирано, напоменувајќи дека одлуките кои веќе се донесени се декласифицирани и ѝ се достапни на јавноста.

„Има повеќе барања и како што реков тие се класифицирани и не би ги споделувала во детали. Она што досега го испорачавме и одлуките кои ги донесовме досега тие веќе ги декласифициравме како што објавив, мислам дека веќе е објавено и на сајтот на Министерството, каде што само е задржано правото да не ги споменуваме, да не ги споделуваме количините, тоа е заради тоа што сепак, станува збор за оперативни информации. Меѓутоа видот во смисла на тоа каков вид подетално на оружје, вооружување веќе сме донирале е објавено“додаде Петровска.

Од Министерството за одбрана досега потврдија дека на Украина ѝ се донирани тенкови, воена опрема, како и 12 хеликоптери „ми-24“.

Back to top button
Close