Петровска: Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина

Република Северна Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина. Нашите институции ги следат случувањата во и околу Украина поврзани со поставувањето на вооружените сили од страна на Руската федерација долж границата, истакна денеска министерката за одбрана Славјанка Петровска во дневникот на ТВ24.

Таа додаде дека земјава ги поддржува напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на тензичната ситуација.
-Поставувањето на вооружените сили од страна на Русија е провокативно и дестабилизирачко дејствување што ја намалува безбедноста на европскиот континент, рече Петровска и додаде дека токму стабилнсота на Европа треба да биде целта на сите.

Министерката за одбрана информираше дека Владата и релевантните институции се во целосна координација со цел заштита на безбедноста на македонските граѓани.

-Нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани. Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа, истакна Петровска.
Додаде дека со колегите од Владата се во постојано комуникација и се координираат сите активности кои како држава ќе се преземаат периодов.
-Наша цврста позиција на која стоиме е дека недвосмислено го почитуваме Вашингтонскиот договор и сите фундаментални договори кои ја гарантираат безбедноста на Европа. Тоа е за нас висок приоритет, нагласи Петровска и додаде дека Северна Македонија како земја-членка на НАТО, ги повикува сите земји да го направат истото, бидејќи разгорувањето на конфликт не може да допринесе за подобрување на сегашната ситуација. б

Back to top button
Close