Петровска: Тврдењата дека се уапсени припадници на военото разузнавање во Косово се измислени

Министерката за одбрана Славјанка Петровска ги отфрли тврдењата на пратеникот Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ дека припадници на военото разузнавање биле упасени на Косово.

На гостувањето во емисијата „360 степени“ на Алсат телевизија, Петровска рече дека ова е уште една од низата на лаги со кои што тој се служи и најави дека е можно да поднесе тужба против него.

– Голема е веројатноста дека и за ова негово тврдење дека биле уапсени припадници на военото разузнавање, испратени од моја страна, ќе добие уште една тужба заради тоа што мислам дека најдобро е да ги соочиме аргументите наместо вакви празни постови исполнети со лаги, рече Петровска.

Во емисијата, Петровска зборуваше и за можната донација на хеликоптери на Украина.

Посочи дека анализата на Генералштабот за тоа дали земјава може да ги донира хеликоптерите Ми-24 е завршена и дека на следната владина седница ќе биде доставен предлог за донесување на одлука со која Северна Македонија ќе и донира 12 хеликоптери на Украина. Нагласи дека ваквата одлука нема да влијае на борбената готовност на Армијата.

– Сета опрема која што досега беше донирана, освен што е на барање на Украинците, ним им е потребна и тоа е опрема за која украинската армија е вешта во користењето, опрема која согласно нашите планови за модернизација веќе е на истекот на користење, нема да биде во составен дел на нашето вооружување и многу е извесно дека за кус временски период, ќе требаше да ни биде наплатено за да ја уништиме, рече министерката.

Во однос на финансиските импликации, Петровска истакна дека проценката на вредноста на донациите без можната донација на хеликоптери изнесува околу 30 милиони евра, но дека за само помалку од една година Северна Македонија беше поддржана од САД со 139 милиони долари, наменети за набавка на нова, најсофистицирана опрема.

За плановите за набавка на нови хеликоптери, министерката информира дека во завршна фаза е деталната евалуација на петте пристигнати понуди за набавка на повеќенаменски хеликоптери и анализата за тоа дали тие се во согласност со нашите барања и потреби. Појасни дека станува збор за повеќегодишна набавка на осум повеќенаменски хеликоптери.

Back to top button
Close