Петровска за РСЕ: Ниту една болница нема елаборат за заштита на животната средина, мазут се произведува од масла и гуми

Речиси ниту една болница нема изработено елаборат за заштита на животната средина што е всушност и законска обврска, а не е направено затоа што овластените инспектори не отишле да им го побараат

Казните за загадувањето треба да бидат ригорозни, а државата мора да го менува и да го санкционира користењето на фосилни горива доколку горивото не е квалитетно, вели директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска

По обелоденувањето на информацијата дека опасни масла биле користени за загревање на болници во земјава, Петровска, во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека Државниот инспекторат за животна средина нема надлежност во однос на контролата на квалитет на гориво, но реагира по поплаки на граѓани за квалитетот на воздухот.

„Пример за една конкретна акција што ние ја спроведовме заедно со овластен инспектор е во болницата за физикална терапија во Капиштец. И за таму имаше поплаки на граѓани и навистина бојата на чадот беше црна… Видовме дека таму се користи мазут, дека преточувањето е несоодветно, дека оџакот таму не е исчистен со години, дека тоа, исто така, предизвикува проблеми со согорувањето. Меѓутоа, квалитетот на мазутот ние тогаш не го проверивме, заради тоа што ние ги задолживме да вршат мерење на емисиите и да изработат елаборат за заштита на животна средина, што тоа не го изработиле“,

вели Петровска.

Таа објаснува дека речиси ниту една болница откако е во Инспекторатот, нема изработено елаборат за заштита на животната средина што е всушност и законска обврска, а не е направено затоа што овластените инспектори не отишле да им го побараат.

Мазут од масла и гуми

 

По задолжение од Владата, Инспекторатот утврдил дека во неколку инсталации е користено гориво коешто всушност е произведувано дома од отпади масла, со преработка на гуми…

„Тоа е гориво произведено од инсталациите ‘Блу Технолоџи’ и од ‘Санс АГ’. Првата компанија прави рафинирање на отпадни масла и произведува таканаречен мазут, меѓутоа, тоа секако не може да биде мазут, бидејќи е рафинат од отпадни масла. Компанијата ‘Санс АГ’ произведувала таканаречен мазут со преработка на отпадни гуми. Ние побаравме одземање на А-Интегрираната дозвола што ја има ‘Блу Технолоџи’, а за ‘Санс АГ’ веќе и претходно минатата година побаравме одземање на Б-Интегрираната дозвола, којашто ја издала општината Штип“,  вели Петровска за РСЕ.

Петровска смета дека казните за користење на фосилни горива треба да бидат ригорозни, а државата мора да санкционира доколку горивото не е квалитетно. Еден од начините се законски измени за зголемување на казните за компаниите коишто загадуваат.

Целото интервју со директорката на Државниот инспекторат за животна средина Ана Петровска може да го погледнете на следниот линк.

Back to top button
Close