Петровски: Мицкоски заслужен за формирањето на Владата на Заев, ВМРО-ДПМНЕ се рекламира во медиуми кои шират лажни вести

Низата победи на ВМРО-ДПМНЕ завршија со доаѓањето на Христијан Мицсоски на чело на партијата. Денеска се формира вторпат влада на Зоран Заев кој најголема благодарност му должи на Мицкоски којшто е претседател на ВМРО-ДПМНЕ, оцени денеска на прес-конференција Филип Петровски еден од иницијаторите за вонреден конгрес во наголемата опозициска партија.

-Доколку беше малку помудар Христијан Мицкоски, Заев немаше вторпат да биде мандатар и да состави влада. Па сепак со Мицкоски на чело на партијата како шпицен кандидат ВМРО-ДПМНЕ на овие парламентарни избори коишто се зад нас промаши празен гол. Денес во Собранието се избира влада. За жал, таа влада не е онаа влада за која што Извршниот и Централниот комитет го овласти Мицкоски да ја состави, туку се бира влада на Заев, рече Петровски.

Ова, дополни тој, е уште еден од низата порази коишто ги претрпе Мицкоски и денеска ја губи последната битка, односно ја губи битката за состав на владата.

– Доста е веќе за порази со порази на ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ и членството на нашата партија знае како се победува. Ние победувавме дури 10 пати во низа до само пред извесно време. Таа низа е прекината од доаѓањето на Мицкоски на чело на партијата. Ние сметаме дека мора да има одговорност. Одговорноста ќе дојде со повикување од наша страна за вонреден конгрес – утврдување на последиците, односно зошто се загубени изборите и избор на ново раководство и претседател. Вистински и единствен пат да се застане на оваа низа на порази која што ја нижи Мицкоски е свикување на вонреден конгрес, порача Петровски.

Како што рече, не треба да се прават ментални акробации и јазички конструкции дека никој не побарал свикување формално на вонреден конгрес.

-Ние сме тука, го правиме тоа постојано, меѓутоа и ќе потсетиме дека и од Груевски и од Љупчо Георгиевски никој формално не побара конгрес, туку имаа доблест да си ја понесат одговорноста и да дадат оставка по загубените избори, додаде Петровски.

Одговарајќи на новинарско прашање рече дека „за време на кампањата ВМРО-ДПМНЕ се рекламирала во медиуми коишто се под нивна контрола за што биле платени околу 277 илјади евра и дека тоа се воглавно медиуми коишто шират лажни вести, медиуми коишто немаат читаност, меѓутоа служат за пропаганда и со таквите медиуми тие формираат една слика дека ова било победа“.

-Никој од членовите на ВМРО-ДПМНЕ не може никаде да види победа и време е да се престане со овој начин на третирање на јавноста и посебно на членството на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Петровски.

Тој ги осуди и заканите до членовите на иницијативниот одбор, рече дека и тој има постојано закани но дека не ги смета за сериозни

– Битангите и политичкото подземје, односно криминалците коишто се ставени во служба на одржување на политичкиот поредок на партиите се само една алатка која што за жал во Македонија многу се користат. Она што е добро е што нашата иницијатива веќе ја извести јавноста, за сите настани се известени органите за одржување на ред и мир. Се она што понатаму ќе се случи, каква било закана, ние ќе поднесеме пријава и исто така ги известивме сите релевантни домашни и странски институции коишто се занимаваат со човекови права, како и амбасадите, информираше Петровски

Петровски го осуди насилството врз жените, бидејќи, како што рече, Весна Дамчевска Илиевска од иницијативниот одбор во два наврата е пратеник на ВМРО-ДПМНЕ беше брутално малтретирана од осуденици кои биле долги години во затвор. Тој го повика Мицкоски јавно да се огради од, како што рече, користењето на политичкото подземје во сочувување на неговиот трон. бк/лв/

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close