Петровски: „Селебрајт” е премоќен за општества со историја на злоупотреби

Министерството за внатрешни работи неодамна го набави израелски софтвер „Селебрајт“ („Cellebrite“), кој се употребува за шпионирање во телефони, компјутери и таблети и може да ги извлече сите податоци од уредот на кој се користи. Алатката, чија декларирана главна примена е во полициските истраги, е премоќна за општества како нашето, со докажани злоупотреби со масовно следење на комуникациите, смета Андреј Петровски од фондацијата SHARE во Србија, чија цел е унапредување на човековите права и слободи во онлајн-просторот.

Тој во разговор за БИРН вели дека употребата на слични алатки за компромитирање на новинари и противници на власта веќе е забележана во Србија и во други земји.

„Амнести интернешнл“ и БИРН пред неколку месеци открија дека српските власти го користеле токму софтверот „Селебрајт“ за да пристапат до податоците во телефоните на студентите кои се дел од масовните протести во земјата. Кога тие биле повикувани на разговор во полиција, телефоните им биле запленети, па отклучени со „Селебрајт“, по што во нив бил инсталиран и друг софтвер за следење. По објавувањето на истражувањето во февруари, израелската компанија одлучи да ја прекине соработката со некои клиенти во Србија.

Ова не е првпат македонското МВР да набави ваква алатка. Во време на претходната власт, во 2022 година, министерството имало склучено спогодба со произведувачот на шведскиот софтвер „МСАБ Ексреј („Мsab xry), кој е сличен на „Селебрајт“, пишува БИРН.

„Овие алатки се користат за извлекување податоци од мобилни уреди, без да е неопходно уредот да биде отклучен, односно неговиот корисник да ја сподели својата лозинка за отклучување. Тие имаат делумно легитимна намена во форензички истраги, што вклучува обезбедување докази, односно нивна екстракција од уреди што се значајни за истраги на кривични дела. Меѓутоа, правно е јасно дефинирана рамката за употреба на вакви мерки во истражни и предистражни постапки и неопходен услов за тоа е постоењето судски налог. Покрај оваа намена, сѐ почесто сме сведоци дека ваквите алатки се злоупотребуваат за насилно отклучување уреди и преземање податоци во ситуации кога се приведуваат активисти и новинари на информативен разговор од страна на полицијата или од безбедносните служби. Вакви примери имаме и во регионот, односно во Србија, каде што кај десетици активисти се утврдени вакви злоупотреби, односно незаконски преземања на податоци“, вели Петровски.

Тој објаснува дека за да се користи „Селебрајт“, потребен е физички пристап до телефонот бидејќи тој се поврзува со специјализиран уред, кој може да наликува на таблет, и потоа, зависно од производителот и моделот на телефонот, се применуваат техники за искористување ранливости, со цел да се отклучи телефонот, односно да се пристапи до податоците што се зачувани во него.

„Моќта на ваквите решенија е преголема за општества каде што владеењето на правото е ограничено, односно каде што граѓаните просто не веруваат дека полицијата и безбедносните служби би ги користеле овие алатки на законит начин. Имајќи ја предвид историјата на прислушување на политички опоненти, новинари и активисти во Северна Македонија, тешко е да се замисли сценарио во кое вакви алатки нема да бидат злоупотребени“, додава Петровски.

Back to top button
Close