Петрушевски: Филипче однапред капитулира пред Бугарија и ја подготвува македонската јавност за нови национални отстапки ако дојде на власт

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција упати критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека однапред ги прифаќа бугарските барања и ја подготвува македонската јавност за нови национални отстапки доколку дојде на власт.

Според Петрушевски, во период кога од Бугарија, како што рече, секојдневно пристигнуваат пораки со кои се негираат македонскиот јазик, историја и идентитет, Филипче не покажува загриженост и не зазема цврст став во одбрана на националните позиции.

„Филипче не преговара, не бара гаранции и не поставува црвени линии. Напротив, тој уште пред да добие каква било одговорност од граѓаните испраќа порака дека е подготвен да ги прифати условите кои Македонија со години ги одбива како неправедни и понижувачки“, изјави Петрушевски.

Тој оцени дека ваквиот пристап претставува „однапред прифатен пораз“ и додаде дека Филипче ја следи истата политика што, според него, претходно ја водел и поранешниот премиер Зоран Заев.

Петрушевски истакна дека граѓаните очекуваат политичари кои ќе ги штитат државните и националните интереси, а не, како што рече, политичари кои однапред прифаќаат туѓи диктати.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека нема да дозволат враќање на политиките на попуштање и национални отстапки, нагласувајќи дека македонскиот идентитет, јазик, историја и култура не се предмет на преговори и политичко пазарење.

 

Back to top button
Close