Пиарот не смее да трпи. Пиарот не смее да одлежи ни неколку дена.

Премиерот Христијан Мицкоски требаше да се појави на некој настан, ама не се појави поради здравствени причини. Кога прашавме во Владата што му е на премиерот, го добивме овој одговор: „Поради кратко нарушување на општата кондиција предизвикано од сезонски фактори што повремено се појавуваат овој период, премиерот беше поттикнат да направи кратка здравствена пауза. Не претставува состојба за загриженост, но претпазливиот институционален пристап на здравствените работници наложи одложување на планираниот настан со цел побрзо опоравување“.

Мицкоски, кога беше во опозиција, пред едно клучно гласање во Собранието се сликаше во операциона сала сосе лекарскиот тим кога оперираше масно ткиво. Ама сега, бидејќи е премиер, дури и обично соопштение за неговата здравствена состојба мора да биде робустно и историски срочено како никогаш досега во земјава. Оти, Мицкоски не смее да биде настинат. Не смее да му тече носот. Не смее да му студи, да го фати треска. Температура? Никако! Не дај боже сезонски грип да фатил, оти него вирус не го фаќа како што може да нѐ фати сите нас. И никако не смее да одлежи дома, туку мора да биде „поттикнат да направи кратка здравствена пауза“.

Нејсе. Од Владата рекоа дека „премиерот ќе ги продолжи своите активности веднаш штом здравствените околности го дозволат тоа“. И така бидна. За само еден ден му помина сезонската слабост и веќе утредента Мицкоски се појави на некој настан.

Мицкоски можеби е Суперемен. Ама тие другите околу него не се. Што ако зарази некого? Што ако некој го префати нарушувањето на општата кондиција предизвикана од сезонски фактори?

Пиарот не смее да трпи. Пиарот не смее да одлежи ни неколку дена.

Целата колумна на Горан Михајловски на СДК.МК

Back to top button
Close