Пинг-понгот повторно се враќа во салите

По речиси пет месечна пауза со добивањето на одобрението за продолжување на активностите во пинг-понгот од страна комисијата за заразни болести, овој спорт се враќа во спортските сали.

Клубовите добија дозвола да го започнат својот процес на тренинзи, а федерацијата да ги организира планираните натпреварувања, при што треба строго да се почитуваат здравствените протоколи за борба против пандемијата предизвикана од коронавирусот, информираат од Македонската пинг-понгарска федерација.

– Иако поради пандемијата пинг понгарската федерација не беше во можност да ги реализира проектите кои беа предвидени, тоа не значеше престанување на активностите за подготовка на проектите кои ќе следуваат во иднина.Во тој период раководството на пинг понгарската федерација имаше засилена комуникација со одделот за развој на меѓународната пинг понгарска федерација. Плод на таа комуникација се неколку проекти кои ќе се реализираат во нашата држава.

За семинарот за обука на тренери екипите покажаа голем интерес, што покажува и фактот дека најмладиот учесник на семинарот за обука на тренери има само 18 години. Сите учесници на семинарот за тренери по завршувањето на предавањата ќе добијат сертификат за тренер, прво ниво. За поуспешна реализација на семинарот ИТТФ испраќа свој претставник, французинот Николас Гуигон стучно лице од областа за обука на тренери, кој ќе ги реализира предавањата на семинарот.

На тренинг кампот за млади играчи националниот селектор на пинг понгарските репрезентации ги покани најдобро рангираните играчи од младинските категории.

Пинг понгарскиот камп ќе се одржи во хотелот Гогов во Пехчево, а дека пинг понгот полека но сигурно излегува од спортовите кои се маргинализирани покажува и фактот дека има интерес да се излезе во пресрет во реализацијата на ваков вид проекти. За реализацијата на овој проект несебично на пинг понгарската федерација и помогнаа општина Пехчево и компанијата Кожувчанка.

После завршувањето на пинг понгарскиот камп Пехчево, на 13 септември започнуваат натпреварите во републичките екипни лига првенства како и рангирните турнири во поеднинечна конкуренција. Новитет во натпреварувачката сезоната 2020/21 е формирањето на јуниорска лига. Сите активности кои се предвидени во блиска иднина од страна на пинг понгарската федерација се во насока на зголемување на бројот на стручни лица и нивна едукација, како и усовршување на техниката кај младите играчи со цел македонскиот пинг понг да биде поконкурентен на меѓународната сцена, стои во соопштението на федерацијата.

Back to top button
Close