Пирејот го залеваме, зарем не?!

Секако дека воопшто не е случајно што едно судење, односно две пресуди засенуваат се’ друго во државава и стануваат топ тема. Има зошто, се разбира, и токму тоа е најболното што ете, повторно – само после три години – се враќаме на такви судења, на такви „пресуди“, на такви „правосудни“ театри… Ама уште помалку е случајност што не се ни обидуваме да допреме до основата: зошто се случува тоа што (ни) се случува? И не е во прашање само оваа актуелна тема која што само за миг ги засенува другите, подеднакво важните, меѓу другото и веќе скандалозното однесување со коронапандемијата, лудилото со изборите… ама и „заборавањето“ на другите, можеби уште поважните: наметнувањето на етничката припадност како стандард за потенцијален премиер, ректорската фарса, вонредната состојба како четврт бурек (Тортевски)… Сето тоа говори многу за состојбите во општеството, за „ориентацијата“ на јавноста – или манипулацијата на медиумите со таа јавност во оваа насока – за гладта за правда но не и за вистината, итн. Но, простете, тоа највеќе говори за нашата неспособност, или несакање – иако не би знаел зошто – да се справуваме навреме со негативниот тренд во државата, со катастрофалната негативна селекција во сите пори на општеството, во веќе отворената поддршка на највисоките политички структури и медиумите на таа негативна селекција и слично. Déjà vu приказна? Секако. Како ништо да не научивме од минатото, а особено лекцијата дека токму негативната селекција е првата и последната станица на заробената држава.

Покојниот Зоран Ѓинѓиќ беше рекол: „Во секоја земја има пиреј, ама само во Србија пирејот се залева“. Се разбира, ние знаеме дека не е баш така, дека пирејот успешно вирее и кај нас веќе три децении токму заради тоа што (и) ние толку настојчиво го залеваме! Зашто, да реагираа „надлежните“, или сите да реагиравме навреме, зарем онаа пуста Катица навистина ќе беше тоа што беше и ќе беше платена толку колку што беше? Па следствено, немаше ни да ги направи сите овие глупости што ги направи. Оттука прашањето денес е: кому му требаше таа и таква Катица? И за што? Па понатаму, ако сакаме да бидеме искрени, зарем не ќе се прашавме во која патологија влегуваме уште кога се отвори онаа „телевизија“ а на нејзино чело заседна еден опскурен лик како овој осудениов? И молчевме кога ни кажуваше дека тој ќе ги постави медиумските стандарди во државава? И кога на отворањето на таа и таква „телевизија“, со тој и таков „стручњак“, му дојде половина од македонската Влада? За жал, ние никогаш не сме доволно искрени, кон себе и кон државата/општеството, па следствено нон-стоп запаѓаме во вакви ситуации. Или, можеби, и тоа некому му одговара? И кому? А ако сакаме целосно да бидеме искрени, зарем не ќе се прашавме и зошто остана нечепнат – освен двајца! – целиот судски систем, ама и Јавното обвинителство, па можеби некој ќе прашаше и што правеа истиве овие луѓе од тоа Обвинителството во времето на злосторничкото здружение, па следствено според кои параметри истите (не само во обвинителствата) и сега се компетентни да го гонат највисокиот криминал во државава, итн., итн.? Дали залевањето на пирејот кај нас стана приоритетна политика, на сите рамништа?

Бидејќи, всушност, сето ова е само врв на ледениот брег, а под него – уште пиреј, уште ѓубре, мнооогу ѓубре коешто самите сме го сместиле таму и никому на ум не му паѓа да почне да го расчистува. Или да престане да го залева. Дури напротив – и понатаму ја загадуваме државава и нејзината администрација со неуки, неспособни, неморални, криминални пирејни партиски „кадри“!

Речиси секогаш кога надлежните молчат, а дежурните „аналитичари“ настојчиво се бават со коекакви глупости само за да не ја допрат „жешката“ тема, станува јасно дека токму премолченото е вистинскиот јавен интерес, вистинската тема којашто де факто ги интересира (не само) граѓаните туку би требало да ги интересира и политичките структури, социолозите, политиколозите и другите истражувачи во земјава. Не знам зошто тие и такви теми (вештачки) се држат подалеку од јавниот интерес, од јавните расправи по истите, од поширока елаборација на сите можни причини/последици и можни идни ефекти. Не верувам дека тоа е прашање на контролираните медиуми во државава – такви, наводно, нема кај нас – но сосема е реално да се претпостави дека сепак некакви договори помеѓу власта и медиумската сфера постојат, дека некои од спомнатите дежурни аналитичари се во постојана врска со стиропорната торта на Илинденска б.б., дека информациите се сепак контролирани… Зашто, нема друг одговор за чудниот и сосема краток живот на одделни теми во јавниот фокус, а со широки рефлексии во социјалните мрежи коишто, сепак, не се така влијателни како што се претставува.

А во тој контекст, јавноста се замајува со будалаштините на оној Мицковски и остатоците од ордите на злосторничкото здружение, или што мислел/рекол тој а што му одговориле другине; па ќе читаме сечии ментални мастурбации за славите, мекиците и собиранките на (по правило „идиотскиот“ народ) ама никој нема да ги постави вистинските прашања: до кога со глупостите на надлежната Комисија?; вербално ќе му се силат на оној квазиминистер Чулев ама никој (освен Тричковски) нема да праша: па зошто, по ѓаволите, не го суспендирате, уапсите, обезвластите… ?; никој нема јавно да испрати абер до Владата да поразмисли малку за штетите што и’ ги прави она ступидно етнонавивање на Бујар Османи; дури ни борбениот тотално националистички восклик на оној Џафери не предизвикува суштинска расправа за патиштата на македонската демократија и дали тоа не е отворен повик за возвратен племенски одговор „Македонци, обединете се“… !? Инаку, нормално дека „Преспанскиот договор“ односно неговата двегодишнина беше една од најзначајните актуелни теми. Ама таа тема е минато – се разбира одлично сработено, ама толку. Што сега тука треба повеќе да се кажува а што не било кажано изминативе две години? Добро, разбирам, идат избори… ама едно чудо извонредно важни, актуелни за државата, за системот теми не можат да се премолчуваат само заради изборите односно предвреме да не се прокоцка евентуалната неопходна потреба од повторување на сегашната коалиција. Не може државата да биде заложник на евентуалните коалиции и на, да простите, нечии малоумни (не само предизборни) агенди коишто нас као треба да не’ плашат, или што?

Па следствено: зошто, кому толку му треба македонскиот пиреј па така прилежно, така систематски го одгледува – во администрацијата, на универзитетите, во културата, во образованието… ? Нашиот локален пиреј (со мала помош од странски „супстанци“!) се покажува особено жилав, длабоко вкоренет, силен токму заради соодветната грижа што ја добива од највисоките политички структури. Ама тој пиреј постојано зема жртви, некогаш видливи но најчесто невидливи, меѓутоа се стреми да ја проголта најголемата – целата држава!

Златко Теодосиевски

Back to top button
Close