Писателката Билјана Црвенковска на Саем на книгата во Лајпциг

На годинашното издание на Саемот на книга во Лајпциг (Leipziger Buchmesse), што се одржува од 27 до 30 март, писателката Билјана С. Црвенковска ќе се претстави со германското издание на нејзиниот роман „Девет приказни за госпоѓица Сит“ (Die neun Monde der Miss Sith).

Романот, кој излезе годинава во издание на германската издавачка куќа Мителдојчер ферлаг (Mitteldeutscher Verlag) од Хале, е во превод на Корнелија Маркс.

– Романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ (Чудна шума, 2019) е обмислен и внимателно структуриран роман. Функционира и како збирка раскази и како роман составен од една основна приказна-рамка што содржи девет други приказни, низ кои се провлекуваат неколку заеднички лајтмотиви. Тивкото чекорење на мачката – вистинска, замислена, симболична – но и нејзините ненадејни појавувања ги врзуваат во цврста композиција нишките од наративните месечеви мени и фуги. Во расказите се прикажани ситуации во кои сите протагонистки се наоѓаат на некаков крстопат, ситуација во која мора да донесат тешка одлука, објави рецензентката Калина Малеска.

Романот беше финалист за наградата „Роман на годината“ што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за 2019 година, а досега е преведен на германски, украински и српски.

Црвенковска во Лајпциг ќе учествува на неколку промотивни настани. Како што е најавено, денеска во театарот „наТо“ (Die naTo), во рамки на фестивалот „Лајпциг чита“ (Leipzig Liest) ќе се одржи читачка промоција на романот, на која ќе учествуваат Црвенковска и преведувачката Корнелија Маркс. Настанот ќе го модерира уредницата Клара Штрубе.

– Вечерва во театарот „Лофт“ (Lofft) во Лајпциг, Црвенковска ќе учествува на настанот „Подгответе се за сè!“, вечерно книжевно шоу – патување низ приказните за истрајност, нови почетоци и потрага по слободата! Како се справувате со колапс на системот, војната, прогонството или искуствата на насилство кога се чини дека сѐ околу вас се распаѓа? За овие теми од нивните дела ќе разговараат авторите Билјана Црвенковска, Елса Ајдс, Тања Арчимович, Барби Марковиќ, Фарук Шехиќ, Светлана Лавочкина и Јанис Јо Митевс, се вели во соопштението за настанот.

Црвенковска утре ќе биде гостин на штандот на Мителдојчер ферлаг на Саемот во Лајпциг, каде што ќе потпишува книги во периодот од 14 до 15 часот.

Во рамки на посетата на Германија, вчера Црвенковска се претстави и на настанот „Денови на литература“ организирани од страна на Градската библиотека во Магдебург, со промоција на романот „Девет приказни за госпоѓица Сит“ во женскиот центар „Храброст“.

Црвенковска посети и основно училиште во Магдебург, каде децата имаа можност да се запознаат со германското издание на нејзиниот роман за деца „Sвезда Мрак и суштествата од Страшкоград“ (Stella Dark und die Kreaturen von Gruselstadt), исто така во издание на Мителдојчер ферлаг.

Back to top button
Close